Грчката опозиција поднесе предлог за осуда на владата на Мицотакис за железничката несреќа во Темпи

Лидерот на најголемата грчка опозициска социјалистичка партија ПАСОК, Никос Андрулакис, денеска изјави дека партијата ќе поднесе предлог за осуда на владата на премиерот Киријакос Мицотакис поради железничката несреќа, во која пред две години загинаа 57 лица.

Предлогот што треба да го поднесе ПАСОК го поддржуваат и другите опозициски партии, кои тврдат дека владата на Мицотакис го загубила мандатот од народот, пренесува Ројтерс.

Опозицијата, исто така, ја обвинува владата дека не ја презема одговорноста за несреќата и не ги поправи безбедносните проблеми што доведоа до најголемата железничка катастрофа во земјата.

Владата, со 156 пратеници во 300-члениот парламент, се очекува да го преживее предлогот на опозицијата, според Ројтерс.

Мицотакис вчера негираше дека владата го одложува судењето за железничката несреќа во Темпи во 2023 година, што исто така предизвика масовни протести.

За време на одбележување на втората годишнина од несреќата на 28 февруари илјадници демонстранти се собраа на плоштадот Синтагма во Атина а да го покажат својот гнев поради како што велат недостаток на правда. При тоаа дијде до жестоки судири со полицијата. 

Работниците кои штрајкуваа ги приземјија летовите и го запреа поморскиот и копнениот транспорт низ целата земја, додека продавниците беа затворени, а театрите ги откажаа претставите.

На 28 февруари 2023 година, два воза се судрија во долината Темпи, при што загинаа 57 луѓе, а неодамна објавените аудио снимки покажаа дека околу 30 од оние луѓе кои ја преживеале несреќата подоцна починале од задушување или изгореници.

Резултатите од истрагата, кои беа објавени на крајот на февруари годинава, покажаа дека во пожарот загинале седум лица.

Голем дел од патниците биле студенти, а на аудио снимките, кои всушност се снимени повици од еден од нив на европската итна телефонска линија 112, се слуша како повикуваат помош или се борат да земат воздух.