Гутереш: Проблемот во Судан не може да се реши на бојното поле

0

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изјави дека ситуацијата во Судан не може и не смее да се решава на бојното поле и преку телата на Суданците.

Говорејќи на седницата на Советот за безбедност на ОН, чија тема беше Судан, Гутереш наведе дека судирот во Судан мора итно да се заврши и ги повика сите страни во судирот да го „замолчат оружјето“.

Тој наведе дека лидерите на Судан треба да им дадат приоритет на интересите на народот.

„Овој проблем не може и не смее да се решава на бојното поле, преку телата на суданскиот народ“, рече Гутереш, пренесе ТРТ БАЛКАН.

Тој предупреди дека борбата за власт во Судан не само што ја загрозува иднината на земјата, туку може да предизвика и прекуграничен судир. Гутереш истакна дека во тој случај ќе бидат загубени децении напредок.

Тој нагласи дека страните мораат да се придржуваат до 72-часовниот прекин на огнот што го обезбедија САД.

Гутереш ги повика земјите членки на ОН да вложат напори за намалување на тензиите и враќање на преговарачката маса.

Волкер Пертес, специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Судан, изјави дека примирјето од 72-часа главно е почитувано, но дека сепак имало повремени судири.

Пертес рече дека околу 1.200 луѓе, вклучувајќи и 744 вработени во ОН, префрлени се во пристанишниот град Порт Судан.

Тој наведе дека завојуваните страни, игнорирајќи ги законите и вредностите, ги напаѓаат подрачјата на кои се наоѓаат цивили и болници. Тој исто така рече и дека тоа би можело да бидат воени злосторства и злосторства против човештвото.

Пертес смета дека завојуваните страни не се подготвени да седнат на преговарачка маса.

Најмалку 459 лица загинаа, а 4.072 се ранети во вооружените судири во Картум, главниот град на Судан.

Судирите во Судан ескалираа на 15 април со судирите меѓу суданската војска и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) во Картум и неговата околина.

Во последните месеци меѓу војската и паравоените единици се распламти несогласување околу реформите на воената безбедност. Реформите предвидуваат целосно учество на РСФ во војската, што е едно од главните прашања во преговорите на меѓународните и регионалните страни за премин кон цивилна, демократска власт во Судан.