Парламентарците во Данска ја поддржаа зголемувањето на возраста за пензионирање на 70 години, со што Данска стана земја со највисока возраст за пензионирање во Европа.
Повеќето Данци моментално се пензионираат на 67 години, додека оние родени на 1 јануари 1967 година и подоцна можат да се пензионираат на 69 години. Новата возраст за пензионирање ќе важи за оние родени по 31 декември 1970 година.
Министерката за вработување Ане Халсбое-Јергенсен вчера изјави дека зголемувањето на старосната граница е неопходно за да се обезбеди благосостојба на идните генерации.
Според официјалната статистика, оваа земја има шест милиони жители, од кои 713.000 се на возраст меѓу 60 и 69 години, додека 580.000 од нив се на возраст меѓу 70 и 79 години.
Данското здружение на осигурителни компании и пензиски фондови F&P посочи дека бројот на оние кои продолжуваат да работат по пензионирањето се зголемува. Се проценува дека 80.000 граѓани работат и примаат државни пензии. Ова се припишува на добрите економски услови, флексибилноста на работодавачите, подобрите финансиски стимулации и поголемата желба за продолжување на работата.
„За многу Данци, зголемувањето на возраста за пензионирање на 70 години е премногу. Сепак, бројките јасно покажуваат дека бројот на луѓе кои остануваат вработени подолг временски период се зголемува. Добрата вест е дека многу Данци не само што имаат здравје, туку и желба да продолжат да работат, дури и откако ќе стекнат услови за добивање државна пензија“, нагласи Јан В. Хансен од F&P.
Сепак, опозициската Црвено-зелена алијанса ја осуди оваа одлука, за која гласаа владејачките социјалдемократи и конзервативци, оценувајќи ја како неразумна. Тие исто така забележаа дека многу министри можат да се пензионираат на 60 години, објави Си-Ен-Ен.