Дваесет и еден процент од матурантите од четири региони сакаат да студираат надвор од земјата, покажаа резултатите од истражувањата на штипскиот Правниот факултет
Околу 21 процент од средношколците кои завршуваат четврта година во Источниот, Сероисточниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион сакаат да студираат надвор од државата, покажаа резултатите од најновите истражувања на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, насловени „Млади, миграции и образование“.
Универзитетскиот професор Страшко Стојановски, кој заедно со студентите од овој факултет го реализираше истражувањето, истакна дека 33 проценти од средношколците би студирале на државните Универзитети во земјава, а од кои предничат „Свети Кирил и Методиј“-Скопје и „Гоце Делчев“-Штип.
– Друго што можеме да забележиме е дека оние кои не би се запишале на Универзитет, а тие се околу 30 проценти, средношколци од четврта година, исто така од нив 24 проценти би сакале да се иселат. Доколку земеме предвид дека оваа година за државна матура од овие региони се пријавени нешто повеќе од 3.500 матуранти и ако ги вкалкулираме овие статистики што не се егзактни, туку се сериозно индикативни, тогаш би можеле да дојдеме до бројка од околу 900 млади, кои потенцијално би ја напуштиле државата, само од последната генерација. Тоа е навистина голема бројка, вели Стојановски.
Посочува дека привремената миграција за студирање во странство многу лесно преминува и во трајна и ова, како што вели, е сериозен проблем.
Прашан средношколците од кои градови во овие региони имаат желба за студирање надвор од државата, Стојановски вели дека анкетата покажува оти предничи Штип, Македонска Каменица и Струмица, додека за приватните Универзитети има најголем интерес од страна на матурантите од Велес, Кавадарци и Гевгелија.
-Додека во осатнатите градови на пример предничат државните Универзитети, меѓутоа Штип е карактеристичен по тоа што за разлика од останатите градови, каде што државните Универзитети се прв избор, зборувам за Македонија, а втор избор е избор надвор во странство. За Штип прв избор е студирање надвор од државата, а втор избор се државните Универзитети, додаде Стојановски.
Посочува дека истражувањето пред пет години за студирање надвор од државата покажало дека 13 проценти од матурантите сакаат да студираат во странство, а сега оваа бројка е зголемена и изнесува 21 процент и, како што вели Стојановски, тоа е речиси двојно.
-Од друга страна немаме систематичен пристап и би рекол имаме поагресивен пристап на промоција на Универзитети од други држава, тука пред се би укажал на Словенија, каде што имаме голем интерес, не се работи за образовна политика. Многу е јасно, ние социјалозите можеме да забележиме дека се работи за класична демографска стратегија на Словенија да привлече население не само од Македонија, туку од поширокиот регион, рече Стојановски.
Посочува дека помеѓу двете истражувања забележано е дуплиран и бројот на одлични ученици во средните училишта.
-Тоа се повторно перцепции, што значи е индикатор дека компетитивноста и во средните училишта се зголемила, како и на ниво на Универзитети. Борејќи се за ученици и за сопствен рејтинг или очигледно имаме добри генерации или во системот имаме намалување на критериумите. Тоа се претпоставки, потенцира Стојановски.
Посочува дека социјалниот статус на населението е зголемен, а во овој дел, според Стојановски, треба да се направат малку подлабоки анализи од економски аспект, бидејќи има и зголемување на инфлацијата. Но, забележува, ако пред пет години од пет до шест посто од семејствата имале месечни примања од над 60.000 денари, денеска овој процент изнесува околу 33 проценти, а тоа покажува дека социјалниот статус е подобрен во земјава. Универзитетскиот професор Стојановски смета дека токму и ова ја зголемува мотивацијата кај младите да студираат во странство.
Прашан кои причини за заминување од земјава ги наведуваат матурантите, Стојановски вели дека во мотивацијата за изборот на образование се квалитетот на студиските програми, рејтингот на Универзитетите, потоа влијаат семејството, дали некој близок студира надвор од земјата. Атрактивни дестинации за студирање надвор од земјава се Словенија и Бугарија.