Дваесет и осумгодишен маж е приведен бидејќи го прогонувал градоначалникот на Неготинo

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 28-годишниот неготинец осомничен за кривично дело прогонување, додека судот во Неготино на предлог на обвинителот му одреди мерка притвор.

Како што соопшти Државното јавно обвинителство, во периодот од 12.09.2024 до 25.02.2025 година, осомничениот преку Вибер и Фејсбук се обидел да воспостави несакан контакт со оштетениот – Градоначалникот на општина Неготино „со постојано испраќање СМС пораки, линкови и фотографии со заканувачка содржина за да го повлече од кривично гонење“.

„Односно, против осомничениот во моментов се води претходна кривична постапка за принуда во која против него се изречени мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за комуникација со повредениот градоначалник. И покрај овие судски мерки, осомничениот продолжил да контактира со градоначалникот и да му се заканува, предизвикувајќи кај него чувство на несигурност, вознемиреност и страв за неговата и безбедноста на неговите блиски“, се вели во соопштението на МВР.

Поради опасност од бегство и можност за повторување на кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка на осомничениот да му се определи мерка притвор.

„Судот во Неготино го прифати предлогот и донесе решение со кое на осомничениот му е одредена мерка притвор“, соопшти Обвинителството.