Демонстрантите во Тбилиси ја прославуваат одлуката за повлекување на спорниот закон за странски агенти

0

Плоштадот пред зградата на парламентот во Тбилиси се уште е исполнет со демонстранти, кои ја слават одлуката на грузиските власти, донесена претпладнево, за  повлекување од процедура на контроверзниот законот за странски агенти, 

Толпата од пред собраниската зграда е се уште таму, покрај поставената заштитна ограда,  бидејќи  демонстрантите немаат доверба во државните органи затоа што одлуката за повлекување на законот беше соопштена само усно, а не беше потврдена со гласање во Собранието.

Воедно, опозициските активисти ги повикуваат властите да ослободат повеќе од 130 лица кои беа приведени за време на протестите од 7 до 8 март, пренесуваат руските медиуми.

Веќе цела недела илјадници демонстранти се излезени на улиците на Тбилиси, откако пратениците во прво читање ја усвоија грузиската верзија на законот за странски агенти.

Предлог-законот за транспарентност на странското влијание предвидува формирање на регистар на невладини организации, медиуми и субјекти кои добиваат средства од странски држави.

Законот предвидува организациите што добиваат повеќе од 20 отсто од средствата од странство да бидат регистрирани како „странски агенти“ и ќе подлежат на надзор на грузиското Министерство за правда.

Иницијаторите на предлог-законот тврдат дека станува збор за помека верзија на американскиот закон, а опозицијата тврди дека предлог-законот нема никаква врска со американскиот закон и дека е аналоген на законот што е на сила во Русија.

Според грузиската верзија, за странски агент се дефинира правно лице, додека американската верзија се однесува и на правни и на физички лица и предвидува кривична одговорност.