Дерби, но само на хартија: Баерн го „прегази“ Лајпциг и покажа кој е газда во Германија

Фудбалерите на Баерн во дербито на 15. коло во Бундеслигата го декласираа РБ Лајпциг, а конечниот резултат на натпреварот гласеше 5:1 за баварскиот гигант.Баерн поведе по само 27 секунди игра кога Џамал ​​Мусиала го совлада голманот на гостинската екипа. По грешка на голманот Петер Гулачи, топката стигна до Мајкл Олисе, кој го намести Мусиала, а тој погоди за водство на Баварците.

Не требаше многу да одговорат гостите. Бенџамин Шешко постигна гол по 103 секунди и на тој начин донесе израмнување на гостинскиот тим. Топката стигна до Лоис Опенда, кој нафрли од десната страна, а мрежата на Даниел Перец ја затресе напаѓачот на Словенија.

Во 25. минута Баерн дојде до ново водство, а Конрад Лајмер ја погоди мрежата на Гулачи, а конечниот резултат на првото полувреме го постави Џошуа Кимих во 36. минута од натпреварот.

Продолжението донесе потврда за победата на баварскиот тим, кој во 75. минута од натпреварот го постигна четвртиот гол преку Лерој Сане, а конечниот резултат го постави Алфонсо Дејвис три минути подоцна.

Баерн есенскиот дел од сезоната го заврши на првото место во поредокот со 36 бодови, седум повеќе од второпласираниот Баер кој има натпревар помалку, додека Лајпциг е четврти со 27 бодови.

Во следното коло, кое е закажано за 11 јануари, Баерн ќе гостува кај Гладбах, додека Лајпциг ден подоцна на свој терен го пречекува Вердер.