Договор за воздухопловно пребарување и спасување меѓу Северна Македонија, Словенија, Србија и Црна Гора
Цивилните воздухопловни власти на Северна Македонија, Словенија, Србија и Црна Гора денеска во Охрид ќе потпишат договор за потрага и спасување во областа на воздухопловството.
На овој настан свое излагање ќе имаат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев.
Со потпишувањето на договорот се создава рамка за соработка на членовите на Регионалниот советодавен комитет за пребарување и спасување во цивилното воздухопловство (РАСАРАЦ), со кој оваа година претседава АЦВ.
Договорот ќе ја зајакне соработката и меѓусебната поддршка на земјите членки во изградбата, развојот на капацитетите, размената на искуства и знаења во областа на пребарување и спасување на авиони, подобрување на прекуграничната оперативна соработка, како и взаемна поддршка во имплементацијата на стандардите на ICAO, регулативите и процедурите во областа.
Регионалниот советодавен комитет за пребарување и спасување во цивилното воздухопловство вклучува претставници од земјите членки: Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Словачка, Словенија, Хрватска и Црна Гора, како и земјите набљудувачи и учеснички Чешка и Унгарија.