Доцни примената на Законот за младинско учество, јавна расправа за проблемите што ја попречуваат

– Доцни имплементацијата на Законот за младинско учество донесен пред три години во Собранието. Во 2020 година тој беше едногласно усвоен од сите политички партии, но на терен не се применува сè што предвидува, особено делот што се однесува на отворањето младински канцеларии бидејќи во голем број општини тие сè уште не се формирани.

Пратеничката Моника Зајкова, претседателка на  Клубот за младински прашања и политики на Собранието, кој денеска организираше јавна расправа за актуелните младински политики, посочи дека голем дел од општините не можат да формираат ниту локални младински совети, но не по нивна вина, туку поради недостиг на млади. Исто така,  доцни и формирањето национално советодавно тело, сè уште нема регистрирано младинска чадор организација и недостига имплементација на низа други одредби.

-Од посетата на повеќе општини, може да видиме дека многу малку од нив имаат младински канцеларии или младински центри кои навистина ја извршуваат функцијата онака како што е пропишано во законот. Има и голем број општини кои сакаат да формираат, но наидуваат на пречки од институциите…Во голем дел од општините  проблем  е да се формираат локални младински совети и од објективни причини зашто има општини каде процентот на иселеност на младите е огромен и нема како да се направи функционален локален младински совет – или треба да се експериментира и да се  собираат млади кои се блиски до градоначалникот, а тоа воопшто не е идеја и цел на законот, рече Зајкова.

Додаде дека се доцни и во изборот на младинските службеници во институциите, не е донесена ни националната стратегијата за млади, но дека во тек е широк консултативен процес за неа, има добро утврдени стратешки цели и е веќе во завршна фаза.

Тоа било и целта да се организира јавната расправа за да се констатира што функционира, а што не, и доколку постојат објективни причини за застојот во примената од страна на општините и институциите, рече Зајкова, да се увиди дали има потреба од интервенција  со измени во Законот за младинско учество.

Пратеникот Јован Јаулески додаде дека се доцни во многу рокови, а се работи, рече, за многу важен закон за младите што им овозможува нивно вклучување во процесот на носење одлуки на локално, но и на национално ниво.

-Сведоци сме дека вклученоста на младите во носењето одлуки и политики што се од нивни интерес е многу мал. Истражувањето покажуваат дека само 15 до 20 проценти младите учествувале во решавањето на некој проблем во нивните локални заедници. Токму овој закон, преку локалните младински совети, младинските службеници во институциите, овозможува младите да имаат мост до институциите каде што можат да ги најават нивните проблеми и таму може да вршат притисок за нивно решавање, истакна Јаулески.

Во однос  на буџетот, рече, државата треба да одвојува 0,3 проценти до Буџетот за млади.

-Но, по реакциите од граѓанските организации, тука е сè уште нејасно што влегува во тој буџет – дали влегуваат од сите министерства, на пример стипендиите од МОН или некои програми од МТСП, или треба да има посебен буџет што ќе биде стриктно одвоен за млади. Затоа и се одржува оваа јавна расправа, да видиме кои се пречките при имплементација на сите законски одредби и дали ние како законодавци можеме со измени на законот да ја олесниме неговата примена, истакна Јаулески.

Информирајќи за текот во исполнувањето на обврските што произлегуваат од законот, Гордана Цекова од Агенцијата за млади и спорт рече дека Регистарот на формите на младинско организирање, за кој е надлежна АМС, е во функција и имаат апликации.

-Но, не можеме да се пофалиме со огромна заинтересираност од страна на организациите затоа што за две до три години, досега имаме околу 80-90 организации кои имаат решение за дел од Регистарот, а бидејќи согласно законот на две години треба да се пререгистрираат, дел од нив веќе треба повторно да поднесат за барање, што сметаме дека е еден од проблемите… Мислиме дека со пререгистрација и овие 80-90 ќе се намалат на уште помалку, рече Цекова.

Не е формирано ни националното младинско учество, а со тоа ни националното советодавно тело за младински политики, но дека Владата донела заклучок за формирање на ова тело и институциите што треба да бидат дел од него да номинираат свои претставници.

Не е добра состојбата, рече Цекова, ни во однос на локалните младински совети. Според анализите на АМС, вкупно се формирани 18, во 31 општина се во фаза на формирање, а во 32 општини процесот за нивно основање воопшто не е почнат.

-Во однос на канцеларија за млади, овде сме катастрофални. Имаме само една канцеларија од сите 81 општина, рече Цекова и соопшти дека во Велес, Кавадарци, Куманово, Охрид и Пробиштип се отворени младински центри, се подготвува отоврањево Битола и се планира младински центар во Струмица.  

Таа очекува дека до крајот на мај ќе има нова национална стратегија за млади и дека на 3 мај ќе биде организирана дебата за предлог-текстот за конечната верзија да се достави до Владата.

Јавната расправа за имплементацијата на Законот за младинско учество се одржа во рамки на проектот „Практикувај демократија“ на  Вестминстер-фондацијата која е стратешки партнер на  собранискиот Клуб за младински прашања и политики.