Државниот санитарен инспекторат врши вонредни контроли во училиштата каде има деца заразени со салмонела

По информацијата дека девет деца од три основни училишта во општина Карпош во Скопје се заразени со салмонела, Државниот санитарен инспекторат на Македонија денеска врши вонредни контроли во училиштата.

Според Државниот санитарен инспекторат на Македонија, се врши вонреден надзор на санитарната, хигиенската и епидемиолошката состојба на објектите со цел откривање на изворот на заразата и прекинување на синџирот на пренос на заразната болест.

Инспекторатот вчера бил информиран од Центарот за јавно здравје – Скопје дека до епидемиолошкото одделение се пријавени седум пријави за заболување од заразна болест со Дг. Салмонелоза кај ученици кои учат во три основни училишта на територијата на Општина Карпош – ОУ „Владо Тасевски“,ОУ „Војдан Чернодрински“ и ОУ „Јан Амос Коменски“.

Според информациите кои денеска ги доби „360 града“, пет од заразените деца се од училиштето „Владо Тасевски“, три од „Војдан Чернодрински“ и едно од „Јан Амос Коменски“. Децата се од прво до четврто одделение, кои појадувале и ручале на училиште.

Од општинските служби од Карпоши велат дека во ОУ „Војдан Чернодрински“ од 180 ученици кои појадуваат и ручаат во училишната кујна, потврда дека имаат салмонела имаат само тројца ученици од Центарот за јавно здравје.

„Во училиштето „Јан Амос Коменски“ од 350 ученици кои јадат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај еден ученик е потврдена салмонела, информираат од општина Карпош.

Во овие две училишта од општинските служби велат дека станува збор за ученици од прво одделение.

Девет деца заразени со салмонела во три училишта во општина Карпош

Најмногу потврдени случаи има во училиштето „Владо Тасевски“, кај пет ученици од прво до четврто одделение, од 350 деца кои примаат храна на училиште.

„Децата во петокот во дневното мени појадуваа леб без јајца, додека за ручек спанаќ без месо, со јогурт. Во текот на вчерашниот ден и денеска беа земени брисеви од сите работни површини во сите училишта и сите вработени“, додаваат од општина Карпош.

Од таму велат дека компанијата која ги снабдува сите основни училишта во Карпош со храна, самата побарала вонреден преглед.

Дојави за деца заразени со салмонела се добиени во Центарот за јавно здравје од матичните лекари.