Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот и полскиот премиер Кир Стармер и Доналд Туск денес упатија заеднички повик до Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје , гарантирајќи зголемена поддршка за Украина.
„Ние, лидерите на Франција, Германија, Полска и Велика Британија, ќе застанеме во Киев како знак на солидарност со Украина против варварската и нелегална руска агресија од сите размери“, се вели во соопштението, објавено пред пристигнувањето на четворицата лидери во Киев.
Тие ја повторија поддршката за повиците на американскиот претседател Доналд Трамп за мировен договор и ја повикаа Русија да престане да ги попречува напорите за обезбедување траен мир.
„Заедно со Соединетите Американски Држави, ја повикуваме Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје со цел да се создаде простор за преговори за праведен и траен мир“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на британската влада.
Лидерите на Франција, Германија, Полска и Велика Британија изразија подготвеност „што е можно поскоро да ги поддржат мировните преговори, да разговараат за техничкото спроведување на прекинот на огнот и да се подготват за склучување на целосен мировен договор“.
„Јасни сме: крвопролевањето мора да престане, Русија мора да ја запре својата нелегална инвазија, а Украина мора да може да се развива како безбедна, сигурна и суверена држава во рамките на своите меѓународно признати граници за генерациите што доаѓаат“, рекоа четворицата лидери.
Тие изјавија дека ќе продолжат да ја зголемуваат својата поддршка за Украина.
„Додека Русија не се согласи на траен прекин на огнот, ние ќе го зголемиме притисокот врз руската воена машинерија“, рекоа четворицата лидери.
Лидерите на Франција, Германија, Полска и Велика Британија, исто така, планираат да одржат виртуелен состанок со други лидери од „коалицијата на добронамерните“, на кој ќе учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, „за да ги информираат другите лидери за напредокот во формирањето на идна коалиција од воздухопловни, копнени, морски и спасувачки сили што ќе помогнат во обновата на вооружените сили на Украина по каков било мировен договор и ќе ја зајакнат довербата во идниот мир“.