ЕК со позитивни оценки за новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители во Македонија

Европската комисија даде позитивни оценки во разгледувањето на Извештајот за новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители, кој неодамна беше одобрен во Собранието, соопшти денеска Министерството за правда на Република Мaкедонија, пишува Телеграф Македонија.

Од таму велат дека ова е големо признание од Меѓународната заедница која го следи напредокот на Република Македонија.

Законските измени ги иницираше министерот за правда Кренар Лога, а ги поддржаа пратениците на владиното мнозинство откако претходно беа блокирани во Собранието.

Од Секторот додаваат дека Академијата за судии и јавни обвинители останува светла точка во реформскиот процес во правосудниот систем, заклучува ЕК во разгледувањето на Извештајот за Кластерот 1, „Основни вредности“.

„Со измените се овозможува и добивање унифициран сертификат на крајот од почетната обука за судии и јавни обвинители. Европската комисија смета дека тоа претставува голема придобивка за подигнување на квалитетот за избор на најдобрите кои се пријавени на огласот за прием на почетната обука на Академијата.

Законот предвидува и унифицирање на судската пракса преку зголемен обем на обука на судиите во рамките на Академијата на судии и јавни обвинители, како и редефинирање на начинот на давање приемен и завршен испит врз основа на критериуми и објективни критериуми за оценување на познавање на кандидати“, се наведува во соопштението на Министерството за правда.