Ердоган во Атина: Нема проблем што не може да се реши меѓу Турција и Грција

0

Реџеп Таип Ердоган изјави дека меѓу Турција и Грција нема проблеми што не можат да се решат.

„Се надеваме дека нашите проблеми ќе ги решиме преку конструктивен дијалог, добрососедски односи во рамките на меѓународното право“, изјави турскиот претседател на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Атина.

Тој додаде дека во интерес на целиот регион е да се постигне праведно, трајно и вечно решение за кипарското прашање.

„Сакаме да го претвориме Егејското Море во море на мир и соработка. Можеме да бидеме пример за светот со заедничките чекори што ќе ги преземеме како Турција и Грција“, рече турскиот лидер.

Во врска со средбата, Ердоган рече дека двете страни размениле мислења во однос на Егејското Море и Блискиот Исток.

Турција и Грција, исто така, се договорија да го зголемат обемот на билатералната трговија од околу 5 на 10 милијарди долари.

„Исто така, нашата цел е да ги подобриме нашите односи на полето на туризмот и културата“, додаде 69-годишникот.

Ердоган рече дека турското малцинство во Грција и грчкото малцинство во Турција се „нераскинлив дел од нашето човечко и културно богатство“.

Инаку, двајцата лидери разговарале за начините за зајакнување на соработката во борбата против тероризмот.