Заборавете на 10.000 чекори, новиот фитнес тренд е предизвикот 6-6-6

Нов фитнес тренд наречен предизвик 6-6-6 добива на популарност на социјалните медиуми. Тоа е едноставна, но ефикасна рутина за одење која не бара опрема или комплицирани правила. Предизвикот има за цел да им помогне на луѓето да се движат повеќе, дури и ако имаат зафатен распоред, објавува „Њујорк пост“ .

Што точно е „предизвикот 6-6-6“?

Правилата се многу едноставни. Препорачливо е брзо одење 60 минути секој ден, идеално во 6 часот наутро или 18 часот навечер. Дополнително, се додаваат 6 минути загревање и 6 минути постепено ладење.

Благодарение на нејзиниот низок интензитет и флексибилност, оваа рутина лесно може да се вклопи во вашиот дневен распоред. Иако често се споменува целта од 10.000 чекори дневно, еден час брзо одење може да ви донесе околу 5.500 чекори, што е веќе повеќе од половина пат до таа цел.

Здравствени придобивки од одење

Освен што помага во контролата на телесната тежина, одењето е корисно за густината на коските, чувствителноста на инсулин, регулирањето на крвниот притисок, подобрената циркулација и здравјето на срцето. Исто така, има позитивен ефект врз расположението и го олеснува варењето на храната.

Според препораките на Министерството за здравство на САД, возрасните треба да имаат најмалку 150 минути умерена аеробна активност неделно, а брзото одење како дел од предизвикот 6-6-6 целосно ја исполнува таа препорака.

Дали е подобро да се шета наутро или навечер?

И двата термина имаат свои предности. Експертите истакнуваат дека одењето по оброк помага во регулирањето на шеќерот во крвта и има корисен ефект врз здравјето на дигестивниот и кардиоваскуларниот систем.

Според тренерката Линдзи Бомгрен, важно е да ги усогласите вашите прошетки со вашата дневна рутина: „Одењето по оброците може да го подобри варењето и рамнотежата на шеќерот во крвта“. Мет Дастин, експерт за корективни вежби, додава: „Утринските прошетки, благодарение на изложеноста на природна светлина, го подобруваат квалитетот на спиењето, додека вечерните прошетки помагаат да се намалат нивоата на стрес акумулирани во текот на денот“.

Клучот е регуларноста

Една од најголемите предности на предизвикот 6-6-6 е неговата едноставна структура што лесно се вклопува во вашиот секојдневен живот. Можете да го изберете времето што најмногу ви одговара – единственото важно нешто е да бидете доследни.

„Целта на предизвикот е да им помогне на луѓето да стекнат навика да се движат и одредено време од денот, како што се 6 часот наутро или 6 часот навечер, да им стане потсетник дека е време за прошетка“, вели Бомгрен. Тој додава дека времето од денот не е баш клучно.

За оние кои сакаат дополнително да го засилат тренингот, експертите препорачуваат додавање тренинг за сила два до три пати неделно или одење со елек со тегови, ако тоа ви одговара.