Во последните пет години во РСМ се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 5,8 милијарди евра, а 36% од нив, односно 2,1 милијарди евра се на само 50 фирми.
Според истражувањето на Центарот за граѓанска комуникација, првите 10 компании на врвот на оваа листа добиле тендери вредни милијарда евра.
„На листата на најголеми добитници на тендери се градежни фирми, веледрогерии, дистрибутери на нафтени деривати итн. За некои од фирмите кои се на листата на 50 најголеми тендери, речиси целиот бизнис им лежи во договорите за јавни набавки.”
„Во првите 10 компании се компани Марковски Битола, Др. Пановски, Пуцко Петрол, Алкалоид Конс, Energy Delivery Solutions, Макпетрол, Илинден АД Струга, Гранит АД Скопје, Македонски Телеком и Стентон Градба Битола“, велат од Центарот.
Според нив, првата фирма „Марковски“ за 5 години има склучено вкупно 77 договори за јавни набавки во вредност од 151 милион евра. Додека со државното претпријатие „АД Електранат“ се потпишани 66 тендери во вредност од 141 милион евра.
Второ пласираниот Др. Пановски во анализираниот петгодишен период има склучено 1491 договор во вредност од 144 милиони евра.
Трет е Пуцко Петрол од село Пласница со 1776 склучени договори во вредност од 137 милиони евра.
Фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во последните 5 години се претежно од земјава и учествувале со 95% од вредноста на тендерите. Само 5% добиле фирми од странство. Во исто време најголемо учество имаат компаниите од Скопје, а потоа следат битолските.
Според дејноста, 39% од вредноста на договорите отпаѓа на градежништвото, во кое влегуваат и договорите на „АД Електранат“ за користење машини и работници за вадење јаглен. На второ место се тендерите за набавка на лекови и медицинска опрема во вредност од 559 милиони евра или 27%. На трето место се нафтените деривати со вредност од 297 милиони евра или 14%. Сите други компании, според дејноста, имаат тежина помала од 10%.