Златните глобуси воведуваат нова категорија – Најдобар подкаст – почнувајќи со 83-то годишно доделување на наградите, кое ќе се одржи во 2026 година. Засега се познати само основните детали за критериумите според кои ќе се избира најдобриот подкаст.
Организацијата објави дека секоја година првите 25 подкасти ќе бидат избрани во потесен избор, а шест од нив ќе бидат номинирани.
Попрецизни правила за тоа како ќе се избираат овие 25 подкасти ќе бидат објавени во наредните недели.
– Како што светот на забавата продолжува да се менува, возбудени сме што препознаваме нови форми на раскажување приказни. Подкастите еволуираа во моќен медиум за споделување приказни и создавање заедници низ целиот свет и низ генерации. Прославувајќи ги достигнувањата во аудио и визуелните подкасти, сакаме да ги почитуваме традиционалните категории, но и да отвориме простор за нови гласови и формати – изјави претседателката на „Златен глобус“, Хелен Хоен.
Златните глобуси станаа првата голема церемонија на доделување награди што го признава овој растечки аудио формат, дури и пред Греми наградите – кои имаат категории за најдобра аудиокнига и раскажување приказни, но не и за подкаст.
Досега, подкастите беа наградувани на дигитални награди како што се наградите „Веби“ и „Шорти“, како и на специјализирани настани како што се наградите „iHeartPodcast“ и „Амбис“.