Специјалниот претставник на Европската Унија во Босна и Херцеговина, Јохан Сатлер, денеска го оцени како неприфатливо продолжувањето на блокадата за назначување на нова влада на Федерацијата на Босна и Херцеговина, која е предизвикана од спор околу тоа која од про-пробошњачките партии, Партијата за демократска акција (СДА) или блокот собран околу Социјалдемократската партија, го има потребното мнозинство и контрола врз тој процес.
Не можам да замислам дека некој одговорен политичар во оваа земја сака да види продолжување на понатамошните блокади. Она што го имавме во последните четири години во Федерацијата Босна и Херцеговина, не се случува во демократија, изјави Сатлер за новинарите во Орашје.
По изборите одржани во октомври минатата година, во рекордно време беше формиран државниот совет на министри на БиХ, како и влада на Република Српска, но не и на ентитетите на Федерацијата БиХ. Проблемот настана затоа што СДА има мнозинство во бошњачкиот клуб во горниот, национално конципиран Дом на народите на Федерацијата Босна и Херцеговина, а успеаја да добијат и потпретседател на Федерацијата Босна и Херцеговина, Рефик Лендо. Според сегашните прописи, без негова согласност не може да се продолжи со процедурата за избор на новата влада на Федерацијата БиХ.
За ова мора да се согласат претседателката на Федерацијата БиХ, Лидија Брадара (ХДЗ БиХ) и двајцата потпретседатели Рефик Лендо (СДА) и Игор Стојановиќ (СДП БиХ). Лендо изборот на новата влада го условува со учество на СДА, додека пробошњачкиот граѓански политички блок на „осумката“ не сака вклучување на оваа партија во владата. Во овој ентитет од 2018 година не е избрана нова влада, туку старата функционираше во технички мандат.
Сатлер, кој е и шеф на Делегацијата на ЕУ во Сараево, рече дека поминаа речиси шест месеци од одржувањето на изборите и дека конечно е време да се назначи новата Влада на Федерацијата на БиХ. Според него, важно е да се заврши овој процес за да се започне со реализација на различни проекти и реформи кои се поврзани и со европскиот пат на земјата.
Тој оцени дека доделувањето на кандидатски статус во декември 2022 година „било важна пресвртница за Босна и Херцеговина, но и поттик за новоизбраните лидери со нов моментум да ги спроведат реформите неопходни за пристапување во ЕУ“.