Здружението „Тиквешки семејни винарии” официјално станува економско-социјален партнер на МЗШВ

0

 Здружението „Тиквешки семејни винарии” оваа година официјално станува економско-социјален партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакна денеска во Кавадарци, Гоце Георгиевски, раководител на рурален развој во Министерството за земјоделство.

Тој присуствуваше на манифестацијата „Ден на станушина” организирана од „Тиквешки семејни винарии”, во чест на единствената автохтона македонска сорта на грозје. 

– Последните четири години заедно ја градиме оваа приказна на развој на малите семејни винарии. Колку сме успешни, колку даваме лична професионална заложба за развој на овој потсектор, производството на вино, кажува фактот што до пред само три години, имавме едвај четири регистрирани винарии на територија на општината Кавадарци, денеска броиме над четириесет. Тоа е повеќе од сто пати, нагласи Георгиевски, додавајќи дека заеднички се работи на развивање на  програмите што се донесени, со цел да се развие македонскиот вински потенцијал. Се мисли на програмата за мали винарии 2022 година, со доделени 59 грантови со вкупна вредност од околу 600 илјади евра. 

Георгиевски соопшти дека годинава исто така во процес на обработка се апликациите за годишната програма,  верува дека ќе бидат многу повеќе, по број на добиени грантови и во однос на финансиски средства. 

– Нема да застанеме тука. Со официјалното станување на економско социјален партнер, веќе започнуваме една сериозна изградба на стратегија за развој на малите винарии и да се искористи потенцијалот, особено со ваква стара македонска сорта како „станушина”. Таа е единствен пример на сорта што ја има само кај нас и успева и во тешки услови, отпорна е на суша и болести, исто како Македонците, подвлече Георгиевски.

Присутните ги поздрави и секретарот во Локална самоуправа на Кавадарци, Тодор Ефремов, кој информираше дека општината ги поддржува семејните винарии, а со тоа и вековната традиција на производство на грозје и вино во регионот.  Иако е од Тиквешијата, тој рече дека повторно е пријатно изненаден од спектарот на вина ,,станушина” и од спектарот на бои, вкусови и мириси. 

Претходно, гостите на манифестацијата го посетија Винскиот музеј во Кавадарци. Директорката на Музејот, Весела Честоева ги запозна гостите со богатата и долга традиција на лозарството и винарството во Тиквешијата.

– Лозарството и винарството одамна биле стопански гранки на овие простори. Лозаровинарството има долга традиција во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата. Постојат бројни докази за тоа, а меѓу нив се секако и камените корита што се пронајдени на неколку места во Тиквешко, а во кои некогаш се газело и гмечело грозјето, рече, меѓу другото, Честоева, информирајќи за големиот број посетители што доаѓаат да ги видат експонатите, во овој музеј за регионот Тиквеш. 

Раскажувајќи ја тиквешката винска приказна, таа нагласи дека целта на музејот е да го презентира богатото културно наследство и да го промовира винскиот туризам.