Зеленски по разговорот со Трамп: Една од темите беше заедничкото производство на оружје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за потребата од зајакнување на воздушната одбрана на Украина поради ескалацијата на руските напади врз украинските градови.

Во кратка белешка за нивниот повик, објавена на Телеграм, тој рече дека американскиот претседател бил „многу добро информиран“ за ситуацијата во Украина, додека двајцата разговарале за опциите за воздушна одбрана и се согласиле да работат на зголемување на заштитата на небото.

Тој рече дека се договориле да одржат посебен состанок меѓу нивните тимови по ова прашање, објави „Гардијан“.

Зеленски додаде дека разговарале и за можностите за заедничко производство на оружје, велејќи дека се подготвени за директни проекти со Америка, како и за потенцијални други заеднички купувања и инвестиции.

Украинскиот претседател, исто така, упати честитки по повод Денот на независноста на САД, заблагодарувајќи им се на САД за досегашната поддршка.

„Направивме многу заедно со Америка и ги поддржуваме сите напори за запирање на убиствата и враќање на нормален, стабилен и достоинствен мир. За мир е потребен пристоен договор, а Украина ги поддржува американските предлози“, рече тој.