Зошто Шведска дозволува палење на Куранот?

Асошиетед прес

Неодамнешната серија на јавно палење на Куранот од страна на неколку антиисламски активисти во Шведска, предизвика лути реакции во муслиманските земји и иницира прашања, вклучително и во Шведска, за тоа зошто е дозволено тоа.

На најновите такви демонстрации, во кои учествуваа две лица, ирачки државјанин кој живее во Шведска ја газеше светата книга на исламот пред Амбасадата на Ирак во Стокхолм. Протестот го дозволи шведската полиција, која држеше група контра-демонстранти на безбедно растојание.

На сличен протест минатиот месец, истиот Ирачанец запали Куран пред џамија во Стокхолм, повторно откако полицијата даде зелено светло за демонстрациите, а на почетокот на оваа година екстремно десничарски активист од Данска изврши сличен чин пред Амбасадата на Турција во Стокхолм.

Како постапуваат шведските власти постапуваат на ваквите појави:

Дали е дозволено сквернавење на Куранот во Шведска?

Не постои закон во Шведска кој конкретно забранува палење или сквернавење на Куранот или други верски текстови. Како и многу западни земји, Шведска нема никакви закони за богохулење.

Сепак, тоа не беше секогаш случај. Во Шведска во 19 век богохулењето се сметало за сериозно кривично дело казниво со смрт. Законите за богохулење беа ублажени бидејќи Шведска стануваше сè посекуларизирана, а последниот таков закон беше укинат во 1970 година.

Дали шведските власти можат да ги запрат ваквите појави?

Многу муслимански земји ја повикаа шведската Влада да преземе акција и да го запре палењето на Куранот. Во Шведска не одлучува Владата, туку полицијата дали ќе дозволи такви демонстрации или собири.

Слободата на говор е заштитена со шведскиот Устав и од полицијата се бара да даде конкретни причини, зошто не дозволува одржување на демонстрации или митинг, на пример, кога има ризици за јавната безбедност.

Стокхолмската полиција го стори тоа во февруари кога одби две барања за протести на кои беше планирано да биде запалена светата книга на исламот, повикувајќи се на процените на Шведската служба за безбедност дека таквите акции го зголемуваат ризикот од терористички напади врз Шведска. Сепак, судот подоцна ги поништи пресудите и рече дека полицијата мора да претстави поконкретни закани за забрана на јавни демонстрации.

Дали палењето на Куранот може да се смета за говор на омраза?

Шведскиот закон за говор на омраза забранува поттикнување на групи врз основа на раса, етничка припадност, религија, сексуална ориентација или родов идентитет.

Некои велат дека палењето на Куранот е токму поттикнување против муслиманите и затоа треба да се смета за говор на омраза. Други веруваат дека таквите акции се насочени кон исламската религија, а не кон оние кои ја практикуваат верата, и дека критиката на религијата е всушност слобода на говор, дури и ако некои сметаат дека е навредлива.

Барајќи насоки од судскиот систем, шведската полиција поднесе обвинение за говор на омраза против човекот кој го запали Куранот пред џамијата во Стокхолм во јуни и пред неколку дена повторно ја сквернавеше светата книга. Обвинителите сега треба да одлучат дали формално ќе го обвинат.

Дали е различен односот на шведските власти кон муслиманите и Куранот?

Некои муслимани во Шведска, кои се навредени од палењето на Куранот, се прашуваат дали шведската полиција ќе дозволи сквернавење на светите книги на другите религии. Еден муслиман реши да го тестира ова и минатата сабота побара дозвола да организира протест пред Амбасадата на Израел, каде планира да ги запали Тора и Библијата.

Иако израелската Влада и еврејските групи ги осудија планираните акции и ги повикаа шведските власти да ги запрат, полицијата го одобри барањето за протест. Но, штом човекот отишол на местото на планираниот протест, се откажал од своите намери и изјавил дека како муслиман е против палење верски книги.

Како другите земји во светот гледаат на богохулењето?

Хулењето е казниво во многу земји. Анализата на Истражувачкиот центар Пју покажа дека во 2019 година, 79 земји и територии од вкупно 198 анкетирани имале закони или политики кои го забрануваат богохулењето, дефинирајќи го како „јазик или дејствија кои се сметаат за омаловажување на Бог или на луѓе или предмети кои се сметаат за свети“. Во најмалку седум земји – Авганистан, Брунеи, Иран, Мавританија, Нигерија, Пакистан и Саудиска Арабија – се казнува со смртна казна.

На Блискиот Исток и Северна Африка, 18 од 20 испитани земји имаат закони кои го криминализираат богохулењето, иако тоа не се казнува со смрт во повеќето случаи.

Во Ирак, јавното навредување симбол или лице кое религиозна група го смета за свето, почитувано или уважувано е кривично дело казниво до три години затвор.

Слично на тоа, во мултиконфесионалниот Либан, каде што поделбите доведоа до брутална 15-годишна граѓанска војна од 1975 до 1990 година, секое дело „со цел или да доведе до предизвикување „верски конфликти“ е кривично дело казниво до три години затвор.

Во САД под заштита на слободата на говорот не е нелегално да се палат копии од Куранот или други свети книги.

На пример, во 2010 година, властите беа преплашени од заканата на свештеникот од Флорида, Тери Џонс дека ќе запали копија од Куранот на годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, но не презедоа правна постапка. Џонс не го спроведе овој план, но следната година го предводеше палењето на Куранот на Флорида.