Инфективна Клиника во хаос: Пациентка со леукемија и ковид која има потреба од респиратор, не може да се хоспитализира – интензивната се реновира

Пациентка со лимфоидна леукемија и ковид не може да се хоспитализира на Инфективната клиника, бидејќи одделот за интензивна нега каде има 5 кревети се реновира. Поради тоа, таа останува хоспитализирана на Клиниката за хематологија во Скопје, од каде правеле обиди да ја префрлат на Инфективната клиника за да се лекува од ковид таму. Но, директорот, доктор Фадил Цана, на медицинскиот извештај за пациентката до кој дојде „Слободен печат“, денеска напишал:

„Во моментов Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се реновира, за што известено е и Министерството за здравство. Интензивната нега е вон функција. Можност за прием и трансфер на пациент кој има потреба од механичка вентилација нема“.

Контактиравме со директорот Цана и тој рече дека Комисијата за заразни болести утврдила став – дека пациентите што имаат тешки заболувања, како во случајот леукемија, дури и да станат ковид позитивни треба да се лекуваат од примарната дијагноза, а ковид пропратно да се лекува. Доктор Цана во изјава за „Слободен печат“ рече дека оваа пациентка не би ја поставил на респиратор ако не добие таква препорака од КАРИЛ. Истакна дека инфектолог од Инфективната клиника на пациентката ѝ администрирал „ремдесивир“ и антибиотик и дека на таков начин таа соодветно е лекувана од ковид. За интензивната нега која се реновира, истакна дека ќе биде завршена до крајот на септември.

-Став на Комисијата за заразни болести е дека се лекува основното заболување. Во петокот имавме пак состанок на Комисија за заразни болести и го афирмиравме тој став. Препораката да се лекува основното заболување ќе е достапна утре. На почетокот пред да биде хоспитализирана на Клиниката за хематологија, пациентката била негативна, што значи дека се заразила внатре, во болницата за хематологија. Ниеден пациент не го ставаме на респиратор. Во Ломбардија има судски процес дека сите што беа ставени на респиратор умираа. Главното лекување за оваа пациентка не може да биде на Инфективна клиника, треба да биде на Хематологија. Ова е основно непознавање на тоа како се лекуваат болести и политичка тенденција, а поради ваквото лекување во ковид пандемијата имаше голема смртност, рече доктор Цана за „Слободен печат“.

Од Министерството за здравство на нашето прашање зошто не работи интензивната нега на Инфективна клиника велат:

Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби информираат дека е во тек темелна реконструкција на објектот. Иако се редуцирани можностите, Клиниката обезбедува неопходна здравствена заштита за пациентите кои имаат потреба од тоа.

Извори на „Слободен печат“ од Детската клиника велат дека децата со инфективни заболувања се хоспитализираат на Детска клиника зашто подолг период цел прв спрат на Инфективна не работи.

Станува збор за деца со енцефалитис, менингитис, рота инфекции, варичела.

-Сите се кај нас. Ова никогаш не било, вели извор на „Слободен печат“ од Детска клиника.

СДСМ денеска преку соопштение информираше дека Инфективната клиника не работи во одделот за интензивна нега и не прима пациенти со ковид 19 на кои им е потребен респиратор.

-Прашуваме дали ова значи дека ако има потреба од респиратор за било кој пациент истиот нема кај да биде примен? Дали можеби пациенти со ваква здравствена состојба се примаат на КАРИЛ? Ако тоа е случај, тогаш се ставаат пациентите на КАРИЛ во огромен ризик. Што прави во моментот Министерството за здравство за ова прашање и дали е точно дека има пациенти што се вратени а имале потреба од респираторна поддршка? Очекуваме одговори во најскор можен рок. Доволно е само еден пациент да не е приме а е во тешка состојба од ковид и може да донесе жртви од оваа болест, велат од СДСМ во соопштение.