Инфлацијата во Германија се забрза во септември

Инфлацијата во Германија се забрза во септември, со значително поблаг пад на цените на енергијата и поизразено зголемување на цената на услугите, покажаа прелиминарните пресметки на статистичкиот завод во вторник.

Потрошувачките цени беа за 2,4 проценти повисоки во септември во споредба со истиот месец минатата година, пресметаа статистичарите врз основа на податоци од група федерални земји.

Во август тие се зголемија за 2,2 проценти, што сигнализира забрзување на инфлацијата за прв пат од декември минатата година.

Месечната споредба, исто така, покажува малку посилно зголемување на цените, за 0,2 проценти во споредба со август кога тие се зголемија за 0,1 процент.

Услугите се сè уште најскапи

Со исклучок на храната и енергијата, годишната стапка на инфлација се искачи на 2,8 проценти во првиот месец од есента. Таа изнесуваше 2,7 проценти во текот на летото.

Услугите најмногу пораснаа во септември, за 3,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Во август, нивните цени се зголемија за 3,1 процент.

Сепак, зголемувањето на цените на храната значително забави, од 2,5 проценти во август на 2,1 процент на почетокот на есента.

Цените на енергијата беа само за 0,7 проценти поевтини во септември отколку минатата година. Во август, нивните цени беа пониски за дури 2,4 проценти.

Европска споредба

Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), кој овозможува споредби меѓу земјите-членки на ЕУ, покажува зголемување на потрошувачките цени од 2,4 проценти во споредба со септември минатата година. Во август тие се зголемија за 2,1 процент на годишна основа.

На месечна основа, цените мерени според HICP се зголемија за 0,2 проценти во септември, што е двојно повеќе во однос на претходниот месец, според прелиминарните пресметки на Дестатис.