Иран испали бран од ракети: Снимки од Тел Авив циркулираат, станува сè полошо

Иран утрово започна нов напад врз израелски позиции . Според израелските служби, биле испукани околу 20 ракети, а експлозии се слушнале во Тел Авив.

Бројни видеа циркулираат на социјалните мрежи, наводно од областа на Тел Авив, на кои се гледа густ црн чад што го покрива небото.

Според првичните проценки на Израелските одбранбени сили (ИДФ), околу 20 балистички ракети биле испукани кон Израел за време на нападот од Иран.

Командата за цивилна одбрана им даде дозвола на граѓаните да ги напуштат засолништата. Службата за итни случаи „Маген Дејвид Адом“ соопшти дека пет лица се полесно повредени откако ракета погоди паркинг во централен Израел.

Нападот предизвика материјална штета и запали празен автобус. Пожарникарите велат дека работат на гаснење на пожарот.

Конфликтот меѓу Иран и Израел, кој избувна на 13 јуни, претставува една од најопасните ескалации на Блискиот Исток во последните децении, со потенцијал да ескалира во регионална, па дури и глобална војна.

Сè започна со израелски воздушни напади врз стратешки цели во Иран, вклучувајќи воени бази и објекти поврзани со развојот на неговите ракетни и нуклеарни програми. Израел тврдеше дека реагира на планираните напади од Иран, кои вклучуваа испраќање балистички ракети и беспилотни летала кон израелска територија, како и обиди за испорака на оружје преку Ирак и Сирија до либанскиот Хезболах.

Иран одговори енергично – врз израелските градови, вклучувајќи ги Тел Авив и Хаифа, беше испален бараж од ракети, додека голем број дронови беа лансирани од внатрешноста на земјата во обид да го пробијат израелскиот ракетен штит.

САД веднаш ги ставија своите сили во регионот во состојба на готовност, а носачот на авиони „ Нимиц“ го напушти Јужното Кинеско Море и се упати кон Блискиот Исток. Иако американските претставници тврдат дека не сакаат да војуваат со Иран, нивното присуство во регионот е значително зголемено. Русија понуди да посредува и ја оживеа идејата за складирање на ирански збогатен ураниум на своја територија. Турција, исто така, се позиционираше како потенцијален посредник во нуклеарните преговори.

Десетици илјади цивили беа евакуирани од погодените области во Израел, додека амбасадите на неколку земји организираа евакуации на своите граѓани од Иран и Израел. Масовен егзодус на населението од Техеран беше регистриран на 16 јуни, додека иранските власти се обидоа да го намалат обемот со извештаи за „сообраќајни метежи поради дефекти на возила“.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги засилија операциите во Појасот Газа и на границата со Либан во последните денови, но некои трупи се повлечени од Газа и се преместија кон границите со Египет и Јордан, поради потенцијалното ширење на конфликтот. Израел тврди дека уништил десетици депоа за ракети и лансери во западен Иран во текот на ноќта на 17 јуни, вклучувајќи и системи за лансирање ракети земја-воздух.