Вработените во некои државни институции и денеска продолжија со предупредувачкиот протест од половина час, со барање за зголемување на платите за 30 отсто и потпишување колективни договори.
Претседателот на Синдикатот на административните службеници, правосудните органи и здруженијата на граѓани, Трпе Деановски, пред Државната агенција за статистика изјави дека 988 работници сè уште ја немаат земено платата за месец декември, иако законскиот рок е изминат.
„Се работи за вработени во сите инспекторати во државата. Поради доцнењето на Министерството за финансии кое не ги доби навреме обврските согласно законските измени, во најдолгиот месец од годината остави 988 вработени без плати, без вратени кредити и без платени сметки. Законскиот рок за исплата на платите, кој се исплаќа најдоцна до 15-ти во месецот, истече вчера и сè уште нема информации кога и дали овие работници ќе ги земат платите“, рече Деаноски.
Тој појасни дека не се работи за штрајк на вработените во јавната администрација, туку за протест.
„Штрајкот значи неизвршување работни задачи, а доколку вработените во Државната агенција за статистика не извршат ниту една задача од својот делокруг, а тоа е пресметката и објавувањето на просечната месечна плата на државно ниво, работата на многу институции ќе биде доведена во прашање, а последиците ќе ги трпат граѓаните“, рече Деаноски.
Додека се одржуваше овој протест, претставници на Синдикатот одржаа прес-конференција пред Владата.