Како да препознаете дека на вашето тело му недостига цинк?
Според Healthline, постојат неколку симптоми кои укажуваат недостиг на овој важен минерал.
Цинкот е минерал што го зајакнува имунитетот, влијае на растот на косата и ноктите и на здравјето на кожата. Има важна улога во синтезата на ДНК и заздравувањето на оштетените ткива, а исто така влијае на сетилата за вкус и за мирис. Цинкот може да се консумира преку одредени намирници или во вид на суплементи, а го има и во многу препарати за обновување на кожата.
Како да ги препознаете симптомите?
Реагирајте веднаш ако забележите слабеење без причина, рани кои воопшто не зараснуваат, недостиг на енергија и чувство на хроничен замор, намалено чувство за мирис и за вкус, дијареа, губење на апетит, опаѓање на косата и отворени рани на кожата.
Секој од овие симптоми е предупредувачки знак бидејќи, покрај недостиг на цинк, може да укаже на многу други сериозни здравствени состојби кои треба да се третираат. За да се помогне во поставувањето на правилна дијагноза, се мери нивото на цинк во крвта, а третманот се состои од земање додатоци на цинк.
Ризик фактори
Експертите предупредуваат дека недостигот на цинк е еден од главните проблеми при планирање бременост. Недостигот на цинк може да доведе до импотенција кај мажите.
Луѓето со најголем ризик од недостиг на цинк се доенчињата и повозрасните лица. И на трудниците им треба повеќе цинк од вообичаено бидејќи цинкот во нивното тело е потребен за правилен развој на детето.
Во голем ризик се и луѓето зависни од алкохол, а истражувањата покажуваат дека причината за тоа е што алкохолот во организмот ја отежнува апсорпцијата на цинк.
Која храна содржи цинк?
Присутен е во храната од животинско и растително потекло. Најдобри извори од животинско потекло се говедско, пилешко, мисиркино, свинско и јагнешко месо, остриги, ракчиња, јастог, како и сирење, млеко и јогурт.
Во растителни извори спаѓаат грав, семки од тиква, сусам, индиски ореви, наут, леќа, киноа, овесна каша, житарки, кикирики, бадеми, ореви.
Зеленчук – краставица, марула, маслинки, кромид, грашок, спанаќ, домати.
Овошје – авокадо, банана, киви, јагода, праска.
Човечкиот организам содржи околу 2 до 3 г цинк, а препорачаната доза за жените е 8 мг дневно. Кај бремените жени овој број се зголемува на 11 мг, а кај доилките 12 мг.