Како изгледаат мигрантските кампови што се отворени во Албанија и зошто ги нарекуваат „италијански Гвантанамо“

Мигрантскиот камп во Албанија под директна надлежност на Италија беше отворен пред неколку дена, а првите групи мигранти веќе пристигнаа во кампот лоциран во северозападниот дел на Албанија, поточно во градот Шенѓин.

Планот за отворање на кампот беше проследен со бројни контроверзи, но и покрај критиките, албанските и италијанските власти потпишаа договор и кампот профункционираше за употреба.

Новинари од Италија и други земји имаа можност да ја видат внатрешноста на кампот во Шенѓин како и блискиот Ѓадер и зборуваа за содржината на овие кампови.

„Првиот камп во пристаништето Шенѓин содржи четири големи двокатни згради на површина од 6.000 квадратни метри. Контролната соба има поглед на 40 CCTV камери сместени на метална ограда висока пет метри“, пишува Sky News.

Како што беше наведено претходно, во овие кампови, на албанска територија, ќе работат припадници на италијанската полиција и други служби.

„Изградбата и управувањето со овие центри немаат апсолутно никаква врска со албанската влада. Тоа не е наша одговорност“, рече албанскиот премиер Еди Рама.

Италијанската влада претходно најави дека во овој мигрантски камп нема да се испраќаат жени и деца, а опозицијата во Тирана го исмеваше целиот проект како „албански Гвантанамо“.

И покрај бројните критики, италијанскиот премиер Џорџија Мелони најави дека „албанско-италијанскиот систем“ може да послужи како пример за другите делови од светот.

„До денес всушност не е возможно да се префрли „нерегуларен“ мигрант во друга земја освен земјата на потекло. Албанскиот модел, сепак, е возможен бидејќи користи еден вид правна дупка. Мигрантите спасени на море и префрлени во овие центри всушност никогаш не влегуваат во италијанските територијални води и тоа е доволно за Европската комисија да смета дека системот не е во спротивност со правилата на Европската унија“, пишуваат италијанските медиуми.