Кинеските туристи повторно можат организирано да патуваат во Македонија

0

– Кина ја вклучи Северна Македонија во групата земји во кои можат да патуваат организирани кинески туристички групи. Кинеското Министерство за култура и туризам соопшти дека се укинуваат ограничувањата за организирани туристички патувања, воведени за време на пандемијата Ковид-19, за уште 78 земји.

Покрај Северна Македонија, турстите од Кина ќе можат организирано да патуваат и во Германија, Велика Британија, Австрија, Бугарија, Полска, САД, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија…

Ова е трета група земји за кои се укинуваат ограничувањата за патување на организирани групи од Кина.

Првата беше одобрена од властите во Пекинг во јануари и опфати 20 земји, вклучувајќи ги Русија, Тајланд, Куба и Аргентина. Патувањето во втората група од 40 земји беше дозволено во март. Меѓу нив беа Франција, Португалија, Бразил и Непал.

Пред пандемијата, патниците од Кина трошеа најмногу во странство во споредба со туристите од сите други земји. Во 2019 година, кинеските туристи во странство потрошиле вкупно 255 милијарди долари, а 60 отсто од таа сума отпаѓа на организираните туристички групи.

Отсуството на кинески туристи за време на пандемијата имаше негативно финансиско влијание врз многу бизниси ширум светот кои се потпираат на туризмот, пренесува БТА.