Клучни причини за заштита на Одеса – УНЕСКО го подигна нивото

0

Одеса, е еден од најзначајните градови во Украина, не само за државното, туку и светското културно наследство, па така гранатирањето од руска страна предизвикува огромна закана за неповратно уништување на незаменливи градби и локации.

УНЕСКО, како институција на Обединетите нации за заштита на културата, го подигна степенот на заштита на Одеса впишувајќи ја како светско наследство во опасност, мислејќи на историскиот округ на пристанишниот град.

Одлуката доаѓа како резултат на вреднување на универзалното значење на локалитетот на Црното Море и должноста на целото човештво да го заштити, велат од УНЕСКО.

„Одеса, слободен град, светски град, легендарно пристаниште кое остави свој белег на кинематографијата, литературата и уметноста, е ставен под засилена заштита на меѓународната заедница“, изјави Одри Азуле, генерална директорка на УНЕСКО.

„Додека војната и натаму трае ова впишување ја отелотворува нашата колективна одлучност да се осигураме дека овој град, кој секогаш ги надминувал глобалните премрежја, ќе биде зачуван од понатамошно уништување“, додаде Азуле.

Според условите на Конвенцијата за светско наследство, 194 држави членки на Конвенцијата, чиј потписник е и Русија, се обврзуваат да не преземаат намерен чекор што може директно или индиректно да го оштети местото на светското наследство и да помогнат во неговата заштита.

Со новиот статус се овозможува пристап до засилена техничка и финансиска меѓународна помош, која Украина може да ја побара за да обезбеди заштита на објектите и доколку е потребно помош при нивна рехабилитација.

Барањето на Зеленски

Украинскиот претседател Зеленски во октомври го поднесе барањето преку онлајн говор во УНЕСКО. Во последниве месеци, заедно со впишувањето на Историскиот центар на Одеса на списокот на светско наследство, УНЕСКО спроведе итни мерки на терен за да помогне во заштитата на локацијата.

Од почетокот на војната, УНЕСКО особено обезбеди поправки на штетите нанесени на Музејот за ликовни уметности во Одеса и Музејот за модерна уметност во Одеса.

Организацијата на ОН обезбеди и опрема за дигитализирање на речиси 1.000 уметнички дела и документарна збирка на Државниот архив на Одеса.

Беше испорачана и опрема за заштита на зградите и уметничките дела на отворено.

Овие мерки се дел од севкупниот акционен план на УНЕСКО во Украина, кој веќе има мобилизирано повеќе од 18 милиони долари за образование, наука, култура и информации.

Во изминатиот период беа преземени мерки за заштита на културно-историските споменици со физички бариери, но и со 3Д скенирања на зградите, ентериерот и деталите за нивна реконструкција или повторна изградба во случај на целосно оштетувања при воздушните напади на Русија.

Одеса низ историјата

Одеса се карактеризира со претежно медитеранска архитектура и во некогашната империја бил четврти град по големина. Во неговиот развој на крајот на 18 век е одлучено да биде наречен Одеса потсетувајќи на грчкиот антички град Одесос или во римско време наречен Одесус иако неговата точна локација на црноморското крајбрежје не била точно утврдена.

Од средниот век до модерната ера поминал низ значајни промени, многу војни, освојувачи и походи, и промена на империи, но значаен дел од историските и културни знаменитости биле сочувани.

Одеса исто така поседува и важна стратешка позиција на Црното море како едно од најголемите и најразвиени пристаништа. Оттука се реализира и значајниот „Договор за жито“ со посредство на Туркије и Обединетите нации за извоз на украинските житарици и храна низ светот.