Ковачевски: Намалена е финалната цена на основните прехранбени производи

0

– Премиерот Димитар Ковачевски денеска оцени дека во услови на висока инфлација во Европа, со мерките што се преземени намалена е финалната цена на основните прехранбени производи. Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има замрзнување на цените на производите, Ковачевски рече дека таква мерка имаше пред почетокот на кризата, по што уследи мерката за ограничување на маржите за пет и 10 проценти на одредени производи.

– Имавме замрзнување на цените на почетокот на кризата. Меѓутоа, доколку ја замрзнете цената под цената, под вкупните трошоци за производство на одреден производ, тогаш веднаш ќе се јави недостиг на пазарот. Затоа после мерката на замрзнување се оди на мерката на ограничување на маржите при што кога се направи мерката за ограничување на маржите, исто така, се преговараше со трговците и тогаш дел од трошоците коишто се сметаат за маркетинг трошоци и промоција и поставување во маркетите се тргнати од маржата и трговците практично имаат 5 проценти маржа за одредени производи и 10 проценти за други основни прехранбени производи без можност да вкалкулираат дополнителни трошоци коишто ја менуваат финалната цена. Така дојдовме до намалување на финалната цена на основни прехранбени производи во време на висока инфлација во цела Европа, рече Ковачевски, при посета на компанија корисник на државна поддршка. 

Тој се осврна и на постапките на одредени трговци во услови на криза, изразувајќи  сочувство до семејството на сопственикот на КАМ маркет, компанијата што, како што нагласи, во најкризниот месец на своја иницијатива ги замрзна цените на основите прехранбени производи во сите нивни маркети.

– Тоа е уште еден доказ дека ако работат владините институции заедно со сопствениците со бизнисите тогаш може да имаме солидарен пристап којшто ќе биде на бенефит на сите граѓани, рече Ковачевски.

Во однос на цените на пазарот, тој посочи дека Пазарната инспекција ги контролира маржите. Тоа е специфична калкулација што ја знаат пазарните инспектори и точно врз основа на инпут цените коишто ги имаат од производители ја пресметуваат маржата што ја ставаат трговците, рече Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, потенцираше дека ДПИ треба да ја врши контролата  на одлуките што произлегуваат од Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите. 

– Сите одредби предвидени во  Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите се следат од Пазарниот инспекторат, што значи дека за одлуките што произлегуваат од овие две законски решенија контролата треба да ја врши ДПИ и затоа се надлежни да вршат такви контроли,  изјави Бектеши. 

Директорот на ДПИ претходно на брифинг соопшти дека инспекторатот врши постојани инспекциски надзори кај трговците на големо и трговците на мало за почитување на ограничувањето на маржата, потнцирајќи дека на големо се санкционира секое отстапување од највисоко утврдената маржа од 5 и 10 отсто. Според оваа Одлука за ограничување на маржата кај основните прехранбени производи, во јануари се извршени над 300 инспекциски надзори и не се забележани отстапувања од предвидените ограничувања за маржата. 

Според пријавите кои пристигнуваат, рече Трајковски, кај граѓаните најголема е загриженоста поради зголемувањето на цените.

Она што е во надлежност на ДПИ, а се однесува на цените на производите, е да постапува согласно одлуката на Владата која се однесува на ограничување на маржата на одредени производи од 5 до 10 отсто кај трговците на големо и мало, но не влијаеме врз формирањето на цени на пазарот, ниту, пак, одредуваме кој производ според која цена треба да се продава, цените се формираат на слободниот пазар, рече Трајковски.

На средба што ја одржале Бектеши и Трајковски  за примената на законските одредби за двојазичноста на етикетите, како што соопшти министерот, е договорено инспекторите да не постапуваат за производите за кои се направени залихи и се купени амбалажи, етикети и декларации.

-За новите набавки сите наши компании и трговци кои увезуваат одредени производи, набавки кои веќе не ги направиле треба дополнително да ги направат, треба да  бидат двојазични имајќи во предвид дека не би било фер во држава како што е Северна Македонија да имаме на други јазици а зошто да не и на српски, на турски, на влашки и на ромски каде што се има можност, а согласно со Законот за употреба на јазиците на македонски и на албански тоа е предвидено и мора да го има,  рече Бектеши.