Ковачевски: „Полноправното членство во ЕУ ни е од стратешки интерес“

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека полноправното членство во Европската Унија (ЕУ) е од стратешки интерес.

 Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека полноправното членство во Европската Унија (ЕУ) е од стратешки интерес..

Според владиното соопштение, Ковачевски ова го истакнал на седницата за пратенички прашања во Собранието на Северна Македонија.

Тој информира дека текот на скрининг-процесот се одвива со предвиденото темпо и дека државата мора да ја задржи оваа динамика во текот на целиот процес на преговори со ЕУ.

„Јас поставив амбициозна, но не и невозможна цел, членство на Северна Македонија во ЕУ до 2023 година и затоа мора да имаме континуитет, силна волја, посветеност и тоа да го направиме, не поради Европската Унија, да го направиме поради нашите граѓани“, рече Ковачевски.

Според него, досега коментарите од страна на Европската комисија се одлични.

„Ние сме силно посветени на усогласување на правото и регулативите на Европската Унија со цел полноправно членство. Но поважно, подготовка и зголемување на конкурентноста со цел што побрза транзиција кон единствениот пазар на ЕУ за што овој кластер е посебно важен бидејќи во него се содржи усогласувањето со четирите основни слободи – стоки, услуги, луѓе и капитал, што е основата на Договорот на воспоставување на Европската Унија“, истакна тој.

Ковачевски рече дека оваа година е година која на европски план треба да донесе целосно комплетирање на скрининг-процесот и реформски напредок.

Тој подвлече дека Владата е одлучна да ги спроведе сите неопходни реформи со цел земјата да стане кредибилна членка на европското семејство.

„Ова е наша историска можност која ја чекавме долго, и сега кога имаме можност, не смееме да ја пропуштиме. Преговорите со Европската Унија се можност од темел да се трансформира и реформира нашата држава, на нашите граѓани да им овозможиме европски услови за живот и работа и тоа тука, дома. Јас во овој процес гледам најдобар механизам за спроведување реформи кои ќе придонесат за зајакнување на демократијата и создавање зрело општество со силни и ефикасни институции. Мислам дека треба да продолжиме со реформите, свесни за фактот дека полноправното членство во Европската Унија ни е од стратешки интерес кој може да го оствариме многу брзо, со заложба од сите заинтересирани страни и со врвна одговорност на сите политички партии“, рече тој.

Премиерот Ковачевски нагласи дека некои одлуки треба да се донесат заради граѓаните на Северна Македонија и дека нивната иднина е пред сите политички и идеолошки разлики.