– Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, синоќа, по состанокот со премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека наскоро и премиерот на Косово, Албин Курти, ќе се состане со Рама.
Коњуфца, инаку висок функционер во движењето „Самоопределување“, во изјавата за медиумите рече дека Косово било повредено по откажувањето на состанокот на двете влади од страна на Рама, но не толку за да не се состанат.
„Би го употребил изразот повреден, кога некој е повреден. Разочарани сме од откажувањето на состанокот на двете влади, но не толку разочарани за воопшто да не го пречекаме господин Рама бидејќи мислам дека секогаш нештата ги гледаме од позиција на интерес на нашиот народ. Се разбира, наскоро ќе се поправи тоа, мислам дека наскоро тие ќе се сретнат, доколку тоа не се случи вечерва“, нагласи Коњуфца.
Тој оцени дека Република Косово секогаш правела џиновски чекори кон својата цел, во секој момент, сѐ додека Република Албанија стоела покрај неа. Коњуфца рече дека имало многу малку ситуации кога Албанија била против изборот на Косово.
„Република Албанија официјално беше на страната на опцијата за територијална размена со Србија и мислам дека тоа му наштети на Косово. Сметам дека ѝ наштети и на идејата Отворен Балкан бидејќи ова е поинакво од она што му е потребно на Косово. И сега е третпат кога ние имаме право, а Република Албанија не нѐ разбира. Од овие позиции, Косово само може да биде оштетено“, нагласи Коњуфца.
Претседателот на косовското Собрание рече дека Косово работи на воспоставување на редот и законот на целата територија на земјата и тука нема вина на самоодговорност. Тој истакна дека на Рама му објаснил дека Косово не по своја вина се нашло во оваа ситуација во северниот дел на земјата, туку Србија со своето дејствување ја довела Приштина во ваква ситуација.
Рама не сакаше да даде изјава бидејќи немаше средба со премиерот.
Претходно Рама се состана со претседателката на Косово, Вјоса Османи. На средбата, освен за Самитот за Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во Тирана во октомври оваа година, станало збор и за Самитот на НАТО, кој ќе се одржи во Вилнус во јули, за актуелната безбедносна ситуација во Косово и во регионот по неодамнешните случувања во северниот дел на земјата.