Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска, на прес-конференција истакна дека јавноста била сведок на многу манипулативни изјави од премиерот Христијан Мицкоски. Во својата последна изјава, тој тврдеше дека зад пожарите во Северна Македонија стојат странски центри на моќ и хибридни напади.
Кузевска вели дека наместо да обезбеди докази и веродостојни информации, демантот дошол токму од неговиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Зборовите можат да предизвикаат страв, паника или да влијаат врз стабилноста на државата. Крајно е неодговорно еден премиер да си дозволи да изнесува тврдења без факти и без докази, само за да ја спаси сопствената политичка кожа. Оваа влада и овој премиер не се само неспособни – тие се опасност. Опасност за животите и здравјето на граѓаните, опасност за институциите што ги деградираа на нула и опасност за државата како целина“, рече Кузеска.
Кузевска вели дека јавноста знае дека премиерот ја злоупотребил безбедносната состојба и институциите за да ја скрие својата некомпетентност во справувањето со пожарите и дека во октомври минатата година Мицкоски од говорницата го обвини парламентот дека е следен од дронови, каде што доказите никогаш не беа објавени, а случајот, кој беше гласно објавен, заврши со неуспех, нагласи таа.