Доколку се чувствувате невообичаено уморни или исцрпени, можеби не станува збор само за стрес или недостаток на сон. Според д-р Жанин Боуринг, голем број често игнорирани симптоми би можеле да укажуваат на недостаток на железо – особено кај жените. Недостатокот на железо е еден од најчестите, но често занемарени здравствени проблеми и може да влијае на вашиот изглед, енергија и целокупно функционирање. Подолу се наведени најчестите знаци кои, според д-р Боуринг, не треба да ги игнорираме.
Кршлива коса и зголемено опаѓање на косата
Ниските нивоа на железо можат да влијаат на здравјето на косата бидејќи кога телото има недостаток на железо, тоа првенствено се фокусира на поддршка на виталните функции, а не на раст на косата. Недостатокот на кислород и хранливи материи во скалпот може да ја ослабне косата, правејќи ја кршлива и да паѓа повеќе од вообичаено.
„Може да забележите дека многу коса паѓа под туш или кога ја чешлате“, вели д-р Боуринг за SheFinds, додавајќи дека ова може да биде знак дека ни недостасува железо.
Бледа и сува кожа
Ако имате многу бледа кожа или вашата кожа е сува, тоа може да биде поврзано со недостаток на железо.
„Ако имате многу бледа кожа и постојано ви е студено, можно е нивото на железо да ви е ниско“, вели д-р Боуринг.
Недостатокот на здрави црвени крвни зрнца значи дека помалку кислород се доставува до вашите ткива, што резултира со бледа кожа, особено на лицето, усните и ноктите.
Пукање на кожата на усните
Пукнатините на усните, особено во аглите на устата, можат да бидат знак за ниско ниво на железо, бидејќи железото влијае на здравјето на кожата и мукозните мембрани.
,,Ако чувствувате иритација или пукање во аглите на усните, тоа може да биде знак дека ви недостасува железо“, објаснува д-р Боуринг.
Овие промени често се случуваат постепено, но можат да станат болни и непријатни.
Дигестивни проблеми, како што се горушица
Недостатокот на железо може да влијае и на дигестивниот систем, забавувајќи го движењето на храната низ цревата и предизвикувајќи симптоми како што се надуеност, горушица и непријатност во стомакот. Покрај тоа, хроничниот недостаток на железо може да биде поврзан со воспаление на желудникот (гастритис), што дополнително го влошува чувството на печење и лошото варење. Иако овие симптоми често се припишуваат на исхраната или стресот, важно е да се земе предвид можната поврзаност со нивото на железо.
Чести главоболки
Ако често имате главоболки, ниските нивоа на железо може да бидат една од причините. Железото е од суштинско значење за транспорт на кислород до мозокот, а недостатокот може да значи намалено снабдување со кислород, што доведува до главоболки предизвикани од напнатост или дури и мигрена. Овој симптом лесно се припишува на замор или стрес, но вреди да се провери и нивото на железо.