Македонија формира кризен штаб за евакуација на граѓаните од Блискиот Исток

Министерството за надворешни работи на Македонија формираше кризен штаб, кој ќе има овластувања доколку има потреба да ги евакуира македонските граѓани од Блискиот Исток. Оваа одлука е донесена по иранскиот напад врз Израел со беспилотни летала и проектили, во раните утрински часови на 14 април. Израел соопшти дека заедно со своите сојузници ги соборил повеќето беспилотни летала и проектили.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во неделата изјави дека евакуацијата на граѓаните на Македонија ќе зависи од работата на аеродромот во Тел Авив, кој повторно беше отворен во утринските часови. Втората можна рута за евакуација е преку Јордан.

Во кризниот штаб се истите членови кои во октомври минатата година беа во штабот за евакуација на македонски државјани од Израел, по нападите на Хамас – палестинската група прогласена за терористичка од САД и ЕУ – на израелска територија. , на 7 октомври. Османи додаде дека во Израел има од 40 до 50 граѓани, меѓу кои и членови на семејствата на дипломатскиот персонал во Тел Авив.

„Ги повикувам сите граѓани на Македонија во Израел да бидат во постојана комуникација со нашата амбасада во Тел Авив, а достапни се и телефонските броеви на службата на МНР во Македонија“, рече Османи.

„За жал, се остварија предупредувањата за ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток. Секое насилство е за осуда, било од Израел, Иран или Хамас. Ги осудуваме сите дејствија, како што ги осудивме претходните, и како што ќе ги осудиме и следните одмазднички напади кои се предупредени“, рече Османи.

Тој побара од претседателот на државата Стево Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност поради ризик од ескалација и активирање на балканската емиграциска рута. Од кабинетот на претседателот Пендаровски велат дека во моментов нема потреба од заседавање на Советот за безбедност.

„Претседателот Стево Пендаровски е во комуникација со нашите партнери во НАТО. Ситуацијата внимателно се следи и во моментов се проценува дека нема закана за безбедноста на Македонија“, се вели во соопштението на Претседателството на Македонија.