Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

0

–  Министерството за здравство и Фондот за здравство со Владата се во фаза на преговори за обезбедување дополнителни средства за набавка на дополнителни количини од лекот „трикафта“, информираше денеска Маја Манолева, заменик министер за здравство, одговарајќи на новинарско прашање дали се обезбедени финансиски средства за набавка на лекот.

Манолева потенцираше дека е многу важно што во рамки на Министерството за здравство се формираше работна група која ќе ги дефинира сите критериуми за вклучување на пациентите за лекување со лекот од кој што имаат потреба, не само „трикафта, туку и за други лекови.

-Критериумите за следење на пациентите кои ќе бидат вклучени на таа терапија, критериумите за ефикасноста на лековите, сето тоа е веќе во финална фаза на дефинирање од страна на работната група, а во фаза на преговори се Министерството со Фондот за здравствено осигурување и Владата за обезбедување на дополнителни средства за набавка на дополнителни количини на лекот „трикафта“, којшто во моментов им е потребен на една група на пациенти со цистична фиброза, изјави Манолева, која учествуваше на настан на МЗ и УНИЏЕФ по повод Недела на имунизација.

Претходно, претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар, најави дека пациентите со цистична фиброза ќе протестираат на трети мај во 12 часот пред Министерството за финансии, ако не добијат одговор од надлежните институции,  до каде е работата со набавката на  „трикафта“ за сите на коишто им е неопходна и со законските измени за побрза набавка на лекот.