МАСАКАР ВО ПАКИСТАН – Бомбаш самоубиец активирал експлозив на верски собир: Најмалку 52 лица мртви, а повеќе од 50 повредени

Најмалку 52 лица загинаа, а повеќе од 50 се повредени во експлозија на бомба на верски собир во пакистанската југозападна провинција Белучистан, соопшти полицијата, додавајќи дека најверојатно станува збор за самоубиствен напад, пренесуваат светските медиумски агенции.

Југозападната провинција Белучистан во минатото беше место на напади од исламистички и сепаратистички милитанти. Експлозијата се случила во близина на џамија за време на верска поворка одржана по повод роденденот на пророкот Мухамед.

Се чини дека станува збор за самоубиствен напад. Бомбаш-самоубиец активираше експлозив во близина на возилото на заменик-началникот на полицијата“, изјавил високиот-офицер на локалната полиција, Џавед Лехри.

Ниту една група се уште не ја презела одговорноста за нападот. Техрик-е Талибан Пакистан, чадор група за различни радикални сунитски исламистички групи, негираше дека го извршил нападот.

Жртвите се префрлени на лекување во болниците во блискиот град Мастунг. Министерот за внатрешни работи, Сарфраз Бугти, ја нарече експлозијата – „многу грозоморен чин“.

Во јули, повеќе од 40 луѓе беа убиени во самоубиствен бомбашки напад во северозападниот дел на земјата на митинг на верска политичка партија.