Маск бара да се затворат Радио Слободна Европа и Гласот на Америка

Американскиот милијардер и директор на Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), Илон Маск, изјави дека Радио Слободна Европа и Гласот на Америка треба да се затворат, тврдејќи дека годишно напразно се трошат 1 милијарда долари на граѓаните.

Маск на својот профил на социјалната мрежа X ја цитираше објавата на Ричард Гренел, специјален претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, на оваа тема зборувајќи за причините поради кои овие институции треба да се затворат.

Во својата објава Маск вели: „Да, да ги затвориме. Европа е веќе слободна, ако не ја сметаме угнетувачката бирократија. Дали забележавте? Никој повеќе не ги слуша овие канали.“

Тврдејќи дека овие организации трошат 1 милијарда долари годишно од американските даночни обврзници, Маск рече:

„Тука има само радикални левичарски лудаци што зборуваат сами со себе.“

Потенцирајќи дека Радио Слободна Европа и Гласот на Америка се радиодифузери финансирани од државната каса на САД, Гренел во својата објава вели:

„Овие организации се полни со екстремно левичарски активисти. Работев со луѓе овде со децении. Тие се остатоци од минатото. Не ни се потребни медиумски организации финансирани од Владата.“