Материјалите за гласање ќе чинат 800.000 евра, ДИК има на располагање десет милиони евра

Државната изборна комисија (ДИК) ја продолжува соработката со печатницата „Киро Дандаро“ од Битола за печатење на гласачки ливчиња.

Пред локалните избори, претседателот на ДИК, Борис Кондарко, за „360 степени“ изјави дека склучиле рамковен договор вреден околу 48 милиони денари (околу 800 илјади евра) за „производство и печатење на доверливи и недоверливи изборни материјали и избирачки списоци“.

„Рамковниот договор е до 48 милиони денари. Сепак, зависи од тоа колку општини ќе имаат втор круг и во зависност од таквите трошоци, тој ќе биде димензиониран. Се предвидува дека ќе има втор круг насекаде, но претпоставуваме дека тоа не е логично, па затоа овие трошоци би биле нешто пониски од предвиденото и би биле некаде во рамките на минатите изборни циклуси, можеби малку помалку од тоа“, вели Кондарко.

Вкупниот буџет на ДИК за изборите е околу 10 милиони евра. Кондарко вели дека повеќе од две третини од овие пари се наменети за платено политичко рекламирање, а помалку од една третина е за сите други изборни активности.