– Верниците од сите делови на светот, на неколку дена од еден од најголемите празници на муслиманите, Курбан бајрам, се собираат на најсветите места за да ја извршат петтата исламска должност – аџилакот, јавува Анадолу.
По посетата на градот Медина, голем број верници, меѓу кои и оние од балканските земји, пристигнаа во Мека, каде што ќе ја извршат петтата исламска должност, аџилакот, во светиот храм на Каба.
Покрај обредите кои се составен дел од петтата исламска должност и кои се задолжителни за аџилакот да биде правилен, муслиманите од сите делови на светот ја посетуваат и пештерата Хира, во којашто божјиот пратеник Мухамед, преку ангелот Џибрил ја примил првата објава на Куранот.
Поради високите температури верниците пред изгрејсонце се упатуваат кон ридот Џебели Нур (Ридот на Светлината), кој се наоѓа на околу шест километри североисточно од Мека, на надморска височина од 621 метар. Пештерата Хира се наоѓа на околу 20 метри под самиот врв на овој рид. По искачувањето по стрмниот рид, кое трае околу еден час, верниците на самиот врв ја извршуваат утринската молитва (сабах-намаз).
Од Ридот на Светлината верниците имаат можност да уживаат во прекрасниот поглед на градот Мека, односно на Каба, кон која за време на молитвата се насочуваат сите муслимани во светот. По заедничката молитва се спуштаат во пештерата Хира каде и се молат. Посетата на пештерата Хира трае вкупно околу три часа.
Божјиот пратеник Мухамед практикувал да се осамува на ридот во пештерата Хира, каде во едно такво осамување, во месецот Рамазан во 610 година, го посетил ангелот Џибрил, кој му ги пренел првите божји зборови, односно првите пет ајети од куранската сура „Алек“.