Министерството за финансии формира Комитет за јавни инвестиции – чекор кон транспарентни капитални вложувања

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска информира дека е формиран Комитет за јавни инвестиции, ново тело кое ќе обезбеди ефикасно и транспарентно управување со капиталните проекти.

„Со овој чекор се создава систем кој ќе обезбеди подобро планирање, приоретизирање и реализација на проектите што носат најголема вредност за граѓаните и економијата“, изјави министерката.

Комитетот ќе има задача да ги разгледува и оценува проектните идеи, да обезбеди нивна усогласеност со стратешките цели, да ја следи реализацијата и ефектите од инвестициите, како и да гарантира објективен и транспарентен процес на одлучување.

Според Димитриеска – Кочоска, со воспоставувањето на ова тело јавните средства ќе се насочуваат кон проекти кои носат најголем придонес за економскиот раст, подобрување на јавните услуги и унапредување на стандардот на граѓаните.

Таа нагласи дека новоформираниот Комитет претставува силен механизам за одговорно управување со ресурсите и важен чекор кон стабилен и одржлив економски развој.