Министерство за енергетика: Разгледани се 745 барања за јавен оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија

Министерството за енергетика, рудници и минерални ресурси информираше дека ги финализира административните проверки на барањата примени по јавниот оглас за финансиска поддршка за електрична енергија потрошена од ранливи категории домаќинства во 2025 година. Досега се примени и првично разгледани вкупно 745 барања од двете категории корисници.

За домаќинствата со деца со попреченост, како што е наведено, примени се 488 барања, од кои 344 ја доставија потребната документација, додека 144 беа одбиени од различни причини.

За згрижувачки семејства се примени 257 барања, од кои 110 имаат уредна документација, додека 102 се одбиени.

„Комисијата што ја спроведува постапката сега е во последна фаза на разгледување на преостанатите апликации, по што ќе се изврши дополнителна проверка на податоците со ДАП, Министерството за труд и социјална политика и ЕВН Хоум. Очекуваме конечните листи за двете категории домаќинства да бидат објавени во јуни 2025 година, по што ќе започне исплатата на субвенциите“, се вели во соопштението.

Според Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година, секое домаќинство кое ги исполнува критериумите ќе добива субвенција од 1.000 денари месечно за покривање на дел од трошоците за електрична енергија, во период од 12 месеци.

Оваа финансиска поддршка, како што е нагласено, е дел од посветеноста на Министерството за систематска и правична помош на ранливите семејства, со јасно насочени мерки што директно ги намалуваат трошоците за енергија на најранливите категории граѓани.