Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека „не знае“ за каква било средба со руски претставници на Минхенската безбедносна конференција. Зеленски на прес-конференција во Минхен рече дека смета дека САД сè уште немаат план за мир во Украина.
Тој посочи дека неговиот шеф на кабинет во моментов е на средба со американскиот претставник за Украина Кит Келог.
Зеленски, меѓу другото, рече дека Украина никогаш нема да ги признае окупираните територии како руски.
„Сакаме да бидеме во НАТО, да. Имаме доверба во безбедносните гаранции на НАТО. Мислам дека ова е најевтината опција за секого“, рече Зеленски, додавајќи дека Европа ќе мора да се обедини околу Украина за да се заштити.
Американскиот претседател Доналд Трамп по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски изјави дека руските и американските претставници ќе се сретнат денеска во Минхен, наведувајќи дека е поканета и Украина.
На прашањето на новинарите што мисли за тоа, Зеленски рече дека редоследот на средбите за него ќе биде САД, па Европа, пред каква било потенцијална средба со Русија.
Зеленски најави дека ќе ги посети Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција, без да ги прецизира точните датуми на посетите.
Тој рече дека во моментов нема планови за средби со американски или руски претставници за време на тие посети, објави Ројтерс. Зеленски изјави дека Русија може да испрати уште до 3.000 севернокорејски војници на фронтот во рускиот регион Курск.
Украинскиот претседател рече дека разговарал за Северна Кореја со Трамп претходно оваа недела.