Премиерот на државата Христијан Мицкоски денеска се очекува да замине за Соединетите Американски Држави каде на 20 јануари ќе учествува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон. На 20 јануари, според владиното соопштение, Мицкоски ќе учествува и на свеченоста насловена „Гласови на слободата“ што ќе се одржи по инаугурацијата во организација на компаниите Трмп медиа и Румпл.
Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, премиерот на Македонија ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседател на транзицискиот тим на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, шеф на советодавното тело за разузнавање на Трамп и извршен директор на Медиумската корпорација Трамп и со извршниот директор на Румбл Крис Павловски. Од Владата потенцираат дека можни се и други средби.
Посетата на САД и учеството на инаугурацијата на Трамп, премиерот Мицкоски прво ја најави во новогодишното интервју за МИА. Тогаш тој рече дека на 18 јануари ќе замине во посета на Соединетите Американски Држави два дена пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Трамп.
„Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително важно место за нас како земја и за нас како влада. Навистина ќе имам квалитетни средби од досега договореното со раководителите на администрацијата во Вашингтон и очекувам да привлечам внимание и тие да го видат Балканот со поинакво око. Прво, треба регионално да го свртиме вниманието, односно оптиката на Вашингтон нè гледа како регион, а не како поединец во тој регион. Да, важна индивидуа, природна раскрсница, срцето на Балканот, но сепак ако го гледаме Балканот како целина, како регион, тогаш низ објективот на Вашингтон можеме подобро да ги видиме работите и сакам да го претставам сето ова таму и кои се предностите што ги нудиме ние како мала земја, убава земја во срцето на Балканот, но и кои се предизвиците за регионот“, вели Мицкоски во интервјуто.
Во коментар на новинарско прашање откако американскиот претседател Доналд Трамп го назначи Хауард Лутник за министер за трговија во Владата на САД, премиерот изјави дека очекува позитивни моменти од меѓудржавната соработка меѓу земјата и САД и дека Лутник ќе додаде вредност на американската економија, на глобално ниво, а со тоа и на економијата на Македонија.
„Да, се сеќавате кога Хауард Лутник беше овде во Скопје во Владата. Разговаравме за многу теми и имаме лична дружба. Од нашата идна меѓудржавна соработка како стратешки партнери секако очекувам само позитивни моменти. Убеден сум дека тоа ќе донесе додадена вредност не само за американската економија, туку и за светската економија, а тоа ќе биде позитивно и за економијата на Република Северна Македонија. Секако, му честитав и очекувам само додадена вредност. Се сеќавате ли кога гостуваа овде во Владата, имаше и такви кои не коментираа многу позитивно? Добро е што како влада имаме пријатели во најмоќната економија во светот, американската економија, го имаме првиот човек што ја води најмоќната економија во светот со повеќе од 28, 29 трилиони бруто домашен производ и како што кажав, убеден сум дека тоа може да донесе „само позитивни вести за претприемачите на нашата земја, но и за нашите граѓани“, рече тогаш премиерот.
Премиерот додаде дека и сега има голем број американски компании кои веќе се присутни со своите инвестиции овде, кои вработуваат македонски граѓани и произведуваат македонски производи кои се користат на американскиот пазар.