Патот кон полноправно членство во Европската Унија е фрустрирачки, тежок и полн со предизвици,изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски на заедничката прес конференција со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
По средбата во македонската Влада Мицкоски рече дека посветеноста на државата кон европските интеграции ќе остане силна и ќе биде дополнително зајакната во наредниот период, бидејќи, како што рече, верува дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство.
„Факт е дека и други народи, кои сега се дел од европското семејство, го следеа тој пат, но граѓаните на оваа земја, една од ретките во срцето на Балканот и Европа, го следеа и сè уште го следат најтешкиот пат, ако можеме да кажеме дека сè уште го следат, бидејќи сме на истото место каде што бевме пред 20 години“, рече Мицкоски.
Кошта рече дека ја поздравува извонредната работа што Северна Македонија и нејзината влада ја постигнаа во однос на реформските агенди и напредокот што веќе е постигнат.
„Цврсто верувам дека проширувањето е заедничка цел што ја споделуваме и дека тоа е најдобрата геостратешка инвестиција во мир, безбедност и стабилност што сите можеме да ја направиме“, рече Кошта.
Претседателот на Европскиот совет, исто така, нагласи дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.
Антонио Кошта покрај со премиерот Мицкоски, се сретна и со претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Кошта претходно ги посети Белград, Сараево и Приштина, а ќе отпатува за Тирана.
Целта на посетата на земјите од Западен Балкан, според Европскиот совет, е да се потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и европската перспектива на земјите од таа област за членство во Унијата.