МНР: Високиот процент на одбиени визи од САД е поради несоодветни апликации, се планира кампања за едуцирање

0

 – По објавените податоци од страна на Стејт департментот дека процентот на одбиени визи за Северна Македонија во 2022 година изнесувал 26,29 проценти, Министерството за надворешни работи попладнево соопшти дека е започнат процес за присоединување на земјава кон Програмата за САД за безвизен режим (Visa Waiver Program). Високиот процент на одбиени визи од безмалку 30 проценти, според МНР, се должи на несоодветните апликации, за што планира наскоро да започне кампања за едуцирање на граѓаните.

-Со одлука на Влада, формирана е меѓуресорска работна група предводена од Министерството за надворешни работи, која се состои од претставници и на други релевантни институции кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД. Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу три проценти.Во тој контекст, нагласуваме дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30 проценти се должи на несоодветните апликации, за што планираме наскоро да започнеме кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и условите кои треба да бидат исполнети, со цел добивање виза за САД, информира МНР.

Оттаму дополнуваат дека процесот на укинување визи за влез на државјаните на Северна Македонија во САД е долгорочен и комплексен и оти налага континуирани активности на што, потенираат, посветено работиме.  

-Воедно приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година. Постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји, соопшти Министерството за надворешни работи.