Најголеми причини за смртност кај македонските граѓани

Болестите на циркулаторниот систем во 2021 година биле најчеста причина за смрт кај граѓаните на Северна Македонија. На второ место како причина за смртност била пандемијата од Ковид 19. Ова го утврди Државниот завод за статистика во најновите податоци за причини за смртност кај македонските граѓани. Во продолжение ТРТ Балкан ви дава детален преглед на бројките кои ги утврдиле статистичарите.

Мажите и жените подеднакво заболуваат од циркулаторни болести

Во државата во 2021 година од циркулаторни болести починале 10.238 граѓани. Иако тоа е за 400 помалку од 2020 година, циркулаторните болести останале најчеста причина за смртност. Од починатите, 5.184 се жени, а 5.054 мажи.

Од Ковид -19 во 2021 година починале 5.888 граѓани на Сeверна Македонија. Од починатите, 3.384 се мажи, а 2.504 жени. Во 2020 година пак, од коронавирусот починале 2.810 граѓани.

Првиот случај на Ковид 19 во државата беше регистриран во февруари 2020 година. Во периодот до февруари 2023 година вкупно се регистрирани 346.852 случаи на Ковид-19. Од заболените, 52 отсто се жени и 48 отсто мажи.

До февруари 2023 година со две дози биле вакцинирани вкупно 841.670 граѓани. Од нив 432.064 се жени, а 408.978 се мажи.

Пад на самоубиствата кај мажите, зголемување кај жените

Од 2019 до 2021 евидентно е намалувањето на бројот на самоубиства кај мажите, додека самоубиствата се во пораст кај жените. Во 2019 година, процентот на мажи кои извршиле самоубиство во вкупниот број изнесувал 77 отсто. Во 2020 година се бележи пораст од еден процент односно 78 отсто, додека во 2021 година тој е 70 отсто. Во 2019 година, жените во самоубиствата учествуваат со 23 отсто, во 2020 со 22 отсто, а во 2021 година со 30 отсто.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН