Какви ризици носи неодобрувањето на уставните измени за да се стави крај на скрининг-процесот со Европската унија? Оценувањето на усогласувањето на локалното законодавство со европското се очекува да заврши на крајот на ноември, за кога е планирано одржувањето на Втората меѓувладина конференција и отворањето на преговарачките поглавја. Но, останува условот Македонија да го заокружи процесот на уставни измени, за кои во моментов нема двотретинско мнозинство. Според аналитичарите, ваквата состојба може да предизвика политичка криза во земјата, но и неизвесна состојба во односите со Европската унија. Директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска оценува дека сидрото на ЕУ во земјава е многу неопходно и дека има стабилизирачко влијание врз државата. доколку би имало веродостоен исход во преговарачкиот процес. Во спротивно, како што додава Кацарска, постои ризик од нестабилност.
„Ова во никој случај нема позитивно да се одрази на домашната политичка сцена, ќе предизвика политичка неизвесност и можеби под тие услови, секако дека ги имаме изборите следната година, но прашање е колку самите избори ќе рефлектираат некакви големи промени доколку се одржуваат. Во однос на политичката стабилност на државата, тоа секако не е добро“, изјави Симонида Кацарска – Институт за европска политика.
Кацарска вели дека неодобрувањето на уставните измени и доцнењето може да има влијание и врз економијата, бидејќи инвеститорите очекуваат сигурност во пристапниот процес. Во однос на најавите од Брисел за забрзана интеграција со земјите од Западен Балкан, Кацарска вели дека овој процес се уште не е целосно дефиниран и оти сепак би имале корист оние земји кои официјално ќе преговараат, иако Македонија има предности во однос на усогласување на законодавството со ЕУ.
„Многу е веројатно дека всушност Европската комисија и земјите-членки повеќе ќе се занимаваат со преговарачките земји, кои формално се многу понапред во процесот од нас. И покрај нашето усогласување, не добиваме внимание како Србија и Црна Гора“, изјави Симонида Кацарска – Институт за европска политика.
Според одобрената преговарачка рамка, Скопје и Брисел ќе ја одржат Втората меѓувладина конференција во моментот кога земјата ќе објави дека го променила Уставот. Владините претставници изјавија дека ќе бараат двотретинско мнозинство до крајот на мандатот на Владата, односно догодина. Според Кацарска, во вакво сценарио може повторно да се подобри скринингот, бидејќи во меѓувреме ЕУ ќе донесе нова законска регулатива.