Ковачевски: Да донесеме одлука со која ќе се гордееме, нема да има друга преговарачка рамка

На сите нас во државата мора да ни биде јасно – нема да има подобар договор, нема да има нов договор, нема да има друга преговарачка рамка и тоа е единствената вистина што не ја кажувам, не кажува Владата, ниту СДСМ, ова е ставот на Европската Унија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Ковачевски истакна дека нема да има нови барања од Бугарија и дека за тоа има силни гаранции од највисоките лидери на ЕУ и од самата Бугарија.

„Работите се сосема јасни, не може да има нови услови за нас. И пораките од меѓународната заедница беа јасни дека нема да има нови барања. Канцеларот Олаф Шолц, на нашата заедничка средба, но и јавно покажа дека Германија не се сомнева дека не може да има нови барања надвор од воспоставената преговарачка рамка. Да потсетам дека тоа беше цврсто наведено во Декларацијата на германскиот Бундестаг. Дека нема никакви пречки за членството на Северна Македонија во ЕУ и дека билатералните прашања нема да го одредат процесот на членство на земјата во ЕУ, смета и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел. Истото во неколку случаи го потврди и Бугарија. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското Министерство за надворешни работи, сите беа многу јасни во своите изјави дека нема нови услови, очекувањата се договорените услови да се исполнат во рамките на преговорите. “, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски рече дека е потребен национален општествен консензус за конечно да се постигне стратешката цел Северна Македонија да стане членка на ЕУ.