Нетанјаху: Нема прекин на огнот во Газа без ослободување на заложниците

– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш ги одби зголемените повици за прекин на огнот во Газа, каде што бројот на загинати Палестинци во израелските напади надмина 10.000.

„Прекин на огнот би било предавање на Хамас, тоа би било победа за Хамас“, изјави Нетанјаху за „Еј-би-си њуз“ во интервјуто емитувано синоќа.

„Нема да има прекин на огнот, генерален прекин на огнот, во Газа, без ослободување на нашите заложници“, рече тој на прашањето за можноста за хуманитарна пауза.

„Што се однесува до тактичките мали паузи, еден час овде, еден час таму. Ги имавме и претходно, претпоставувам, ќе ги провериме околностите за да овозможиме да влезат хуманитарни стоки или да заминат нашите заложници, индивидуални заложници. Но мислам дека нема да има општ прекин на огнот“, рече израелскиот премиер.

Тој нагласи дека прекинот на огнот „ќе ги попречи воените напори“ и напорите на неговата Влада да ги извлече заложниците од Газа.

Палестинската група Хамас, која изврши прекуграничен напад пред еден месец, вели дека држи во заробеништво повеќе од 200 луѓе, израелски војници и цивили. Оттогаш Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа.

Оттогаш во енклавата загинаа најмалку 10.022 Палестинци, од кои 4.104 деца и 2.641 жени. Во меѓувреме, бројот на загинати во Израел порасна на речиси 1.600, според официјалните податоци.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, вчера изјави: „Газа станува гробница за деца“.

Тој го повтори својот повик за хуманитарен прекин на огнот, поголема помош за Газа, безусловно ослободување на заложниците што ги држи Хамас и заштита на цивилите, болниците, објектите на ОН, засолништата и училиштата.