,,Нивното зачувување е прашање за опстанокот на човекот!” ОН предупредија дека најголемите глечерски области во светот губат маса веќе трета година по ред (ФОТО, ВИДЕО)
Сите глечерски области на Земјата бележат масовни загуби во 2024 година, трета година по ред, објавија денеска Обединетите нации (ОН), кои сметаат дека нивното зачувување е прашање на „опстанок“.
„Зачувувањето на глечерите не е само еколошка, економска и социјална потреба. Тоа е прашање на опстанок“, предупредува генералниот секретар на Светската метеоролошка организација (СМО) Селест Сауло, по повод првиот Светски ден на глечерите.
Во светот има повеќе од 275.000 глечери кои покриваат околу 700.000 квадратни километри, не вклучувајќи ги континенталните ледени плочи на Гренланд и Антарктикот.
Овие ледени формации брзо се повлекуваат поради климатските промени.
Пет од последните шест години се обележани со рекордно повлекување на глечерите и „трета година по ред, сите 19 глацијални региони забележаа нето загуба на маса“ во 2024 година, соопшти СМО.
Според Светската служба за следење на глечерите, со седиште во Швајцарија, тие области изгубиле околу 450 милијарди тони мраз.
За ОН, единствениот можен одговор е борбата против глобалното затоплување преку намалување на емисиите на стакленички гасови.
„Можеме да преговараме за многу работи во ОН, но не можеме да преговараме за физичките закони за топење на мразот“, рече Стефан Уленброк, директор на Одделот за вода и криосфера на СМО.